Ако имал пушка сите што го апселе, Тони Кечев ќе ги убиел

Петар Печков

Ако имав пушка кога ме апсеа, како што тврди обвинителството, јас ќе пукав и ќе ги убиев сите,  ич око да не ми трепне. Вака се бранеше Тони Кечев ( 40 год) викан Манџа  пред петчлениот судски  совет со кој претседава судијата Бојанчо Донев, во Основен суд Велес, каде почна судењето  за две кривични дела каде тој е обвинет. 

Нему му се суди за ,,Недозволено изработување, држење  огнено оружје,,  и за ,, разбојништво,,.Тој тврдеше дека најдената пушка, главен доказ на обвинителството,  му е подоцна подметната.

Јас сум ,,црна овца,, за полицијата во земјава. За работи кои ги сторив во минатото, сега се` ми товарат мене - рече Кечев, негирајќи дека ги сторил двете  кривични дела за кој му се суди.

Тони Кечев викан Манџа во велешкиот суд за разбојништво над Грк во   2010 доби  10 години затвор.  Претходно за двојно убиство 1998 година доби 15 години затвор.  Тој пред извесно време во Република Грција имал извршено кривично дело ,,разбојништво,, за кое бил правосилно осуден на ефективна казна затвор и избегал од државата, за да го избегне издржувањето на изречената казна. Наспроти одбраната на Кечев,  полицаец од  Гевгелија сведочеше како бил уапсен Кечев и  како кај него била пронајдена пушка. 

Утрото околу 4,40 часот колега кој има  термо видео надзор, телефонски ни кажа дека околу Мрзенци има лице  кое бега. Не знаевме за кого станува збор, мислевме дека е мигрант бегалец, и заедно со двајца полицајци колеги од Хрватска се дадовме да го фатиме. Во еден момент бегајќи лицето фрли ранец и вреќа. Подоцна го фативме во еден дол, а фрлените предмети ги однесовме во Полициска станица Гевгелија. Во вреќата и ранецот имаше пари, штеки цигари, хебла и кратка пушка со две цевки - кажа сведокот.

При тоа на прашање од обвинителката Гордан Тодорова кое е лицето што го фатиле и дали е присутно во судницата, сведокот покажа на Тони Кечев.   

Обвинителството го гони  Кечев за разбојништво кое го сторил на 9-ти јануари годинава околу 2.40 часот од електронското казино во Гевгелија,  кога заканувајќи се со пушката одзел пари. Обвинетиот маскиран на лицето, преку задниот спореден влез влегол во казиното, потоа ја вперил пушката кон касиерот кој бил на работно место давајќи му знак со пушката да се оддалечи. Касиерот исплашен по својот живот од ваквата закана, ја послушал наредбата и го напуштил просторот. Тогаш обвинетиот ги одзел парите кои се наоѓале во касата во вкупен износ од 150,000 денари во различни апоени и го напуштил казиното.

Според бранителот на обвинетиот адвокат Александар Стојанов, обвинителството немало директен доказ кој го поврзува обвинетиот со делата за кои му се суди.

Нема доказ дека  обвинетиот кај себе го држел  предметното огнено оружје и дека со него е извршено разбојништвото во казиното - рече Стојанов. Судењето на Кечев продолжува кон крајот на август. 

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати