Владиката Агатангел со Велигденско послание 2017-то лето Господово

Петар Печков

Христовото воскресение е темел и основа на христијанската вера. Христос воскресна од гробот, ги разурна портите на адот и ја победи смртта, најголемиот непријател на човекот и на сето создание. Без Христовото воскресение верата не би имала никаква смисла, а човекот би умирал и би исчезнувал од овој свет засекогаш.

Воскресението е триумфална и славна победа за секој оној кој го следи Христа, кој верува во Него и ги применува Неговите спасоносни начела во својот секојдневен духовен живот. За оние кои веруваат, Воскресението Христово е гаранција дека и тие ќе воскреснат преобразени и прославени за вечниот живот.

Воскреснатиот Христос, со Својата праведна жртва на крстот, за првпат во историјата на човештвото одговорил со љубов кон омразата, со што бил затворен кругот на насилството и на светот му била испратена сосема нова порака, исполнета со мир, љубов и добрина. Воскресението го осмислува секој христијански подвиг, ја оправдува секоја добродетел, почнувајќи од милосрдието и добрината, и завршувајќи со маченичката смрт на славните и неповторливи личности од нашата свештена историја.

Преку Воскресението Христово можеме да ги разбереме и вековните напори на нашиот прекрасен македонски народ, кој вековно се борел да ја зачува својата православна вера, својата нација, својата држава - слободата, плаќајќи ја постојано цената на нечовечкото ропство, омаловажување, понижување, па и смрт.

За македонскиот православен народ, не физичкото насилие, туку опоганетоста на духот е мрачниот господар кој голта сé пред себе и води во духовна пропаст и потчинетост. Затоа, за Македонците, Велигден е најголемиот христијански празник, тој е сенародна прослава на победата на животот над смртта, на правдата над неправдата, на радоста над бесмислата и тагата.

Драги браќа и сестри!

Воскресението Христово ги надминува границите на просторот и времето во кои живееме. Самиот Син Божји, Второто лице од Светата Троица - нашиот Бог, се воплоти, стана човек еднаков на нас, го претрпе секое зло и понижување, пострада на крстот и воскресна на третиот ден по упокојувањето. Смртта не можеше во своите окови да го задржи Праведникот, умирањето немаше никаква власт над Животодавецот и Творецот на сé што постои. За нас кои веруваме во Христа, телесното умирање е почеток и порта на нов преобразен и вечен живот во Божјата прегратка.

Општото воскресение на праведниците, е аголниот камен на сета наша вера и на целата наша надеж. Живееме во време кога човечкиот морал и добрина се згазени и понижени од смртта и бесмислата, па верувајќи во Воскреснатиот Христос, веруваме и во обновувањето, унапредувањето и осмислувањето на самиот живот и на секоја човечка доблест во него. Христос дојде и се понуди Себеси како жртва. Дојде да му служи на човештвото, а не да владее со него.

Преку своето смирение, ја откри тајната на саможртвената љубов, која е основниот атом на човековото постоење. Сите форми на антиљубовта, како што се себичноста, духовната празнина и насилие, нечесноста, властољубивоста, безделничењето го напаѓаат нашето општество, ја ништат тешко стекнатата духовна слобода и постепено го загрозуваат духовното напредување на човековата личност.

Тажна и неизвесна е иднината на човекот ако не ги усвои спасоносните Евангелски начела и ако својата душа не ја осени со сјајот на воскресната светлина. Преку Воскресението Христово и христијанската вера која произлегува од него, ги освојуваме неограничените божествени пространства на љубовта и добродетелта. Преку Христа ја здобиваме надежта и утехата во надминувањето и лекувањето на сите рани предизвикани од суровоста на животот.

Возљубени чеда на Македонија!

Во овие тешки денови за нашето македонско општество би требало да го надминеме секое насилство, секоја омраза и омаловажување, зашто човекот не е одговорен само за себе и за своето најблиско семејство, туку и за целиот природен и духовен поредок во општеството. Токму Христос како воскреснат Богочовек ги повикува сите луѓе на меѓусебна љубов, мир и толеранција. Воскреснатиот Христос ги соединува сите потреби на човекот, го вдахновува неговото постоење и му дава вечна смисла на неговиот живот.

Овој Велигден, во 2017-то лето Господово, нека биде величенствениот ден на нашето духовно воздигнување и национално обединување. Воскреснатиот Христос нé повикува да останеме во вистината и да ја исполниме секоја правда. Да не дозволиме да ни биде одземена слободата, зашто со многу труд, откажувања и скапоцени жртви е платено нејзиното освојување. Македонија е наша заедничка татковина, составен дел на нашиот национален идентитет.

Па, затоа нé повикува Христос да ја чуваме и браниме нашата православна вера, автокефалноста на Македонската православна црква, самостојноста и унитарноста на македонската држава, која по многувековно ропство конечно ја имаме како реалност. Да застанеме на браникот на татковината и со многу воскресенска љубов и достоинство да не допуштиме нечестивите да ни го менуваат името, јазикот, знамето, односно она што од памтивек се наши македонски национални обележја.

Ова е историскиот момент кога им требаме на нашата татковина, сега треба да покажеме пред светот дека во Македонија отсекогаш се раѓале упорни борци за вистината и правдата. Не плашете се драги браќа и сестри да го чувате своето и со многу упорност и духовна убавина да му застанете на патот на злото кое се надвило над нашето мирно македонско општество.

Искрено и од сé срце Ви посакувам во многу мир, духовна бодрост, чиста и искрена љубов, добра мисла и посветеност, во кругот на своето семејство и заедно со сите свои ближни пријатели да ги дочекате претстојните Велигденски празници. Воскреснатиот Христос нека ги крепи сите ваши добри намери и нека ви биде сотрудник во секоја идна радост и благосостојба.

Христос Воскресе! Христос Воскресе! Христос Воскресе!

Навистина Воскресе!

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати