Водата во Велес поскапе за 4 отсто

Петар Печков

Велешани ќе пијат поскапа  вода откако петокот навечер мнозинството советници одлучија  да ја покачат цената. Наместо досегашните 30,40 домаќинствата ќе плаќаат 31,62 денари за м3 или цената е повисока за 4 отсто. Толку ќе плаќаат и училиштата и градинките. Правните лица наместо 60,25 ќе плаќаат 63,05 што е за 4,6% повисоко. 

Откако пред еден месец истата точка беше симната од дневен ред од страна на владејачката СДСМ, градоначалникот Аце Коцевски побара поради итност да биде ставена на 22-та седница.  Според неговото образложение  Владата веќе донела одлука за покачување на цената на суровата вода, која ЈВП ,,Лисиче,, ја испорачува на ЈКП Дервен за 17% или од 3,2 денари на 3,8 денари за метар кубен. 

Подобро е да ја изгласаме цената која УО на ЈКП Дервен ја бара, отколку Регулаторна да донесе цена која ќе биде далеку повисока. Утврдената тарифа од страна на ЈКП Дервен ги покрива оперативните трошоци за работа, амортизацијата на сопствените основни средства кои се неопходни за непречено давање на услугата и  за функционирање на Јавното претпријатие - објаснува Коцевски. 

Според информациите со кои располагал ЈКП Дервен ако велешките советници не ја изгласат понудената цена, Регулаторна комисија за енергетика  цената на водата ќе ја зголемила за 1,91 денари за 2018-та, 3,23 денари  за 2019-та и 3,43 денари метар кубен за 2020-та година за домаќинствата во Велес. 

По расправата за неа од 20 присутни советника од владејачката коалиција на СДСМ  10 гласаа ,,за,, седум од опозициската ВМРО-ДПМНЕ беа  против, двајца советници поради конфликт на интереси се изземаа а Ненад Коциќ кажа дека нема да гласа ниту за, ниту против. По ова претседавачот Душко Петров  констатира дека точката е усвоена. Советниците долго расправа дали да се прифати или не. Ангел Димов советник од ВМРО-ДПМНЕ побара ЈКП Дервен да најде начин цената да не ја покачува.

Во претпријатието треба да се најдат внатрешни резерви, начин, цената на  водата да не се качува, бидејќи тоа е нов дополнителен трошок за граѓаните - рече Димов. На ова реплицираше советничката од владејачката СДСМ Весна Стојанова Богоевска.

Од каде пари во ЈКП Дервен да не се покачи цената, кога претходно четири години општината не платила ниту една фактура кон јавното претпријатие - рече Стојанова Богоевска. Според пресметките на советникот Менхур Бачевац  семејниот буџет немало сериозно да се оптовари.

Со просечна потрошувачка од 15 тони колку што троши едно семејство , тоа ќе плаќа повисока цена од  20 денари месечно на сметката - кажа Бачевац.  Ова е трето покачување на цената на суровата вода која ЈВП Лисиче му ја испорачува на ЈКП Дервен. Почетната во 2010-та беше  2,25 денари,  во 2013-та скокна на 2,8 денари а во 2015-та беше 3,2 денари а од 28 август годинава таа е 3,8 денари за метар кубен.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати