Во Велес е во тек теренското третирање против ларвите од комарци, кое е безопасно по луѓето и домашните миленици

Петар Печков

Во Општина Велес во тек е теренско – третирање од земја, против ларви од комарци. Од локалната власт соопштија дека се врши на територија од седум  хектари, покрај вода и водни површини, кои се мапирани како лежишта на комарци, а посебно внимание  се посветува на површините со неистечена вода каде комарците имаат идеални услови за размножување.

„Во изминатите две недели ДДД – службата од Центарот за јавно здравје – Велес спроведе ларвицидно третирање против комарци на територијата на Општина Велес. Со третирањето се опфатени сите реони во територијата на Општина Велес, каде има застојана вода и постојат идеални услови за размножување на комарците. Третманот се врши со препаратот Биопрен 4ГР, ларвицид во форма на гранули, кој е безопасен за луѓето, домашните животни и пчелите. Доколку дозволат временските услови, ларвицидното третирање треба да заврши до крајот на оваа недела“ - кажа д-р Весна Николовска Неделкова, директор на Центарот  за јавно здравје Велес, институција  беше   избран за оператор на овие активности.

Теренско третирање е  извршено  на крајбрежјето на Езерото Младост, месност Јарбош, по течението на реката Вардар, Градскиот парк, Младинскиот парк, Градскиот стадион, реонот на Потокот, како и фонтаните во градот. 

Ларвицидното третирање е општа мерка за заштита на населението од заразни болести и е предвидена воПрограмата за активности на Општина Велес во областа на здравствената заштита во 2021 година. Локалната власт најавува дека од месец мај ќе започне со авионско прскање против комарците.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати