Вработените од Колска ги сопреа утринските возови за Гевгелија и Битола, бараат одговор за иднината на фабриката

Петар Печков

Вработените од велешка „Колска“ ги сопреа утринава патничките возови за Гевгелија и Битола. Овој нивен протест кој се случи на Железничката станица во Велес, не е поради доцнењето на платите, чекаат да се испати јунската, туку поради иднината на фабриката.

„УЈП поради долг од 37 милиони денари, донел одлука за присилна наплата преку продажба на дел од имотот. Со тоа се доведува во прашање иднината на фабриката.  Имаме блокирана сметка, бараме средба со надлежните Владини претставници, но нема.  Ако има надеж да испливаме од состојбата која е со години, или да ставиме клуч на „Колска“ - кажа   Тони Арсовски претседател ОО на ССМ во Колска. Фабриката брои 78 работника, бројка која од година во година се намалува. На Почетокот до 80-тите имале 550 и секој ден од нејзините хали излегувале готови, репарирани по 3-4 патнички или товарни коли.  Сојузот на синдикатите смета дека може да се помогне на 80-те вработени во фабриката.  

„Ќе поднесеме пријава до Државен трудов инспекторат, бидејќи во фабриката три месеци се исплатува плата од 15,2 илјади денари, што е под законскиот минимален.  Ќе бараме од судот, Колска да биде ставена во „рамка“ согласно потребните финансиски средства за обезбедување на минимални услови за работа, за да не може УЈП да го продава имотот и ја блокира сметката“ - кажа Дарко Димовски претседател на ССМ кој беше присутен на протестот.

Според гранковиот синдикат за сообраќај и врски, единствено можно решение е Колска да се припои кон Македонски железници- транспорт или инфраструктура, по рецептот на Ремонт на пруги, кој се случи пред некоја година. Моментално во Колска се наоѓаат за работа 20 товарни вагони на МЖ, десетина на ОИЛКО, еден патнички вагон.

„За да може да ги репарираме, немаме средства за работа, поради блокираната сметка. Јавноста треба да знае дека за некоја година со постојниот фонд на работници, сите се над 55 годишна возраст, фабриката сама ќе загасне.  Дваесет години нема ново вработен. Ако Колска згасне тогаш патничките и товарни вагони на МЖ ќе се работат во Бугарија или Србија. А таму цените за репарирање се во десетици илјади евра, неколку пати  повисоки од нашите. Нека направи есап Владата дали е потребна фабриката на земјава бидејќи е единствена или не“ -  велат вработените во „Колска“

Протестот продолжува и наредните денови, се додека не се оствари средба со Владините претставници.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати