Дедото на Тамара ќе лежи затвор 7,5 години за обид за убиство на екс министерот Тодоров

Петар Печков

Во текот на летната ферија на судовите, беше објавена пресудата на Апелација Скопје со која се потврдува затворската казна од седум и пол години  за Љупчо Стојановски (62 год). Велешанецот, кој е дедо на малата Тамара, е осуден правосилно за кривичното дело, убиство во обид, врз поранешниот министер за здравство Никола Тодоров.

Апелацискиот суд во Скопје ја потврди првостепената одлука  на Основен суд Скопје 1, од судијката Софија Лаличиќ  со која дедото на малата Тамара, Љупчо Стојановски од Велес беше осуден на 7 и пол години затвор.

Во повтореното судење дополнително беше направена реконструкција на целиот настан во кој дедото на починатата Тамара пукаше во поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров.  Пресудата со одлуката на Апелацискиот суд е правосилна и осудениот Стојановски веќе  се наоѓа на издржување на затворска казна.

Стојановски во  одбрана се бранеше дека носел пиштолот, но само за да пука во воздух како предупредување да не се повтори неправдата на неговата внука.

Настанот се случи на 1-ви јуни 2017-та, во 11часот пред примопредавањето на министерската позиција на влезот во зградата на Министерството. Кога  Тодоров стасал до последната скала, обвинетиот му се доближил, го вперил пиштолот на 30 сантиметри од  главата и испукал три пати  без предупредување. Обезбедувањето спречило Стојановски да пука во Тодоров. 

Неговата внука, малата Тамара Димовска почина пред повеќе од четири години, чекајќи операција на рбетот во странство, за што во  Основен суд Скопје 1  води процес против лекарите и членовите на комисијата. За смртта на Тамара на обвинителна клупа се 12 обвинети. Меѓу нив не е  тогашниот министер Никола Тодоров. 

Судијката  Лаличиќ,  истакнала дека судот сочувствува со семејството за загубата на малата Тамара, но дека правдата не се добива со ”око за око”‘.

Љупчо Стојановски доби една година затвор за нелегално поседување на пиштолот со кој пукал. Неа ја изрече Апелација откако Основен суд Скопје 1 му досуди условна затворска казна.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати