Диви копачи на ден пладне во Башино село барале злато, го оштетиле водоводниот систем

Петар Печков

Диви копачи, додека барале скриено богатство, во Башино село, ја оштетиле водоводната цевка и ги оставиле мештаните без вода повеќе часови. Ова се случило во текот на вчерашниот ден во попладневните часови. Башиноселци, изненадени од дрскоста на сторителите, кои на ден пладне со ангажирана механизација го барале богатството.Сомнително било, што претходните денови на истата локација доаѓале лица кои пребарувале, истражувале.

„Двајцата диви копачи од некаде нашле мапа дека тука има старо злато. И по ден пладне копале. И тоа со багер. За да се маскираат обезбедиле маички како вработени од велешко комунално претпријатие, со беџови и копаа. Ама при тоа  ја скршија главната водоводна цевка и повеќе часови немавме вода за пиење по домовите.  Кога го прашавме багеристот, што работат, тој побегна во една куќа и се скри. Тогаш ни беше сомнително и пријавивме во полиција. Тие дојдоа и ги уапсија“ - вели жител на Башино село.

Од ЈКП Дервен информираа дека тие во посочениот период не вршеле никаква активност на водоводот во селото.

 „Четвртокот попладне наши екипи не беа во Башино село, да вршат никакви работи и интервенции, оти водоодвод не е под ЈКП Дервен. Подоцна кога се случил кршењето на цевката, побарана е интервенција и наши  вработени  работеа на санирање“ - кажа од ЈКП Дервен. Од велешката полиција потврдија дека имало пријава за уништување на јавна инсталација по што тие и заминале за Башино село, каде уапсиле две лица.

„На 30 јуни во Башино село, велешко, полициски службеници од СВР Велес ги лишиле од слобода С.И.(46 год) од село Бузалково и М.Ј.(35 год) од Велес. Тие биле затекнати со работна машина – багер при ископ на земја на ул.„Браќа Петковиќ“ во Башино Село со што предизвикале оштетување на водоводна инсталација, односно ја прекинале доводната цевка и настанал прекин во снабдување со вода за  целото село. Увид извршила екипа од СВР Велес, а лицата биле приведени во полициска станица“- соопштија од СВР Велес.

По целосно документирање на случајот, во консултација со Јавен обвинител против двајцата сторители ќе биде поднесена соодветна пријава.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати