Дојдоа од Финска за да бидат домаќини на Чист понеделник на Мегдан

Петар Печков

Живко  Ристов и Златко Ивчев се кумови на годинашното одбележување на Чист понеделник, на Мегдан во Велес. За да бидат домаќини тие специјално за овој ден допатува во петокот од Хелсинки, Финска, вечер се враќаат назад.

Но  посилно од се била желбата да  го одбележат овој  ден, прв по Прочка.   Ова е традиција стара со децении, кога симболично започнуваат велигденските пости а за таа цел се подготвува посен, бел грав. Се отвораат ширум портите, се  мести трпезата и на неа се поставува јадењето и мезето.

Ова е традиција од века, сакам да продолжи да не згасне.  Не поканија да бидеме домаќини и прифативме без размислување. Специјално за Чист понеделник допатувавме од Хелсинки.  Од каде е коренот, од таму е дрвото и затоа дојдовме – вели Живко.

Тој со  Златко негов внук  од сестра обезбедија грав, риба, салата, пиење, се што е потребно на трпезата. Имаше и музика во живо.  Живко е од месноста близу Мегдан Долни Дуќани додека Златко е баш мегданчанец.  Овој ден е можност  луѓето да се сретнат по долгата зима, да излезат од дома, да се видат, да се дружат.  Низ песма и муабет се потсетуваат на многу работи. Овој ден е ден  и начин за дружење, меѓу соседите, пријателите, роднините, но  и со минувачите низ овој дел од градот.  

Седум години сум во Финска, но не го заборавив овој ден. Со задоволство дојдовме, без ни ронка размислување. Кога бев дете тука пораснав, и сакам традицијата да продолжи и за моите деца. Има многумина од Мегдан кои  живеат во странство, нека   бидат домаќини за следните години, нема да се покаат, бидејќи дома си е дома – рече Златко.

Чист понеделник  се обележува во Велес  традиционално, со јадење бел грав и со собир во велешкото маало  Мегдан кое на пат кон црквата Св. Пантелејмон. Тука е срцето на старото градско јадро.  Жителите на Мегдан љубоморно и со гордост ја чуваат оваа традиција.  

Се додека можам ќе го подготвувам ова гравче. Годинава си земав помошник тоа е  Диме Калајџијата. Ставивме 8 кг. грав и 60 кг вода, една низа црвени сушени чушки,  една низа кромид. Рецептот е така  погоден, досега  никогаш не останало.  Сите гости  се задоволни. Го учев од старите мегданчани, тие не`  го дробеа кромидот, туку го џиткаа цел во гравот па го растриваа внатре. Тоа се Балканот, Картушот, Бондиќот, Лазо Нојков  - раскажува  Тоше Иванов  Б`шката.  

Оваа традиција сите мегданчани ја  чествуваат, негуваат, поддржуваат. Сите гости се добредојдени, било од каде да се, од  кој  дел на градот. Грав и јадење име за сите

На Мегдан за Чист  понеделник секогаш е весело. Уште кога дојдов тука како снаа, тоа прво го забележав. На времето Гајдата вареше гравче за децата, и им го делеше во котле. Едно време  традицијата  замре, ама Ицо Картуш ја обнови и еве продолжува – се потсетува   Ружа Тодорова која  е снаа на Мегдан 60 години.  

Овој дел на градот,  го добил името по турскиот збор мегдан бидејќи е чистина,  од каде се гледа целиот стар дел на Велес. Традицијата на Чист Понеделник  во Велес започнува од првите години на минатиот век, празнувањето е сврзано со прошетки и излегување од дома, по зимата, која си заминува, и со доаѓањето на пролетта и повисоките температури.

Прочистувањето на луѓето од тешките зимски јадења, почнува токму на Чист понеделник, прв ден по Прочка. Тогаш  жените, домаќинките започнуваат со чистењето на куќите, домовите и дуќаните.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати