Жаклина мајката на малата Тамара кон обвинетите -правда мора да има

Петар Печков

Со сослушување на Жаклина Димовска во Основен суд Скопје 1 продолжи судењето за смртта на деветгодишната Тамара. Нејзината мајка беше сослушана во својство на сведок на обвинението.  Малата Тамара Димовска на 9-ти февруари 2015 година почина чекајќи операција на `рбетот во странство.

И на сто години да ги осудите присутните и целата држава да ми ја дадете, моето дете нема да ми се врати. Но правда мора да има -  рече  Димовска. Таа објасни  дека додека нејзината ќерка била се уште жива, помош побарала лично и од тогашната директорка на Фондот, Маја Парнаџиева Змејкова, а на нејзина иницијатива, Тамара ја прегледал специјалист од Турција.

-Морам да ви демонстрирам нешто, реакцијата на докторот од Турција кој ја прегледа Тамара беше: Oh my God, this is not a human body. Како ова дете живее. Ова не е нормално човечко тело, рече тој и не праша што сме чекале до сега. Докторот констатира дека е потребна операција уште утре, рече Димовска.

Таа повтори дека докторот на Клиниката за ортопедија, кој ја прегледал Тамара, рекол дека не може да се оперира во Македонија, бидејќи се работи за претежок случај. И покрај мислењето на специјалистите, и покрај притисокот од јавноста, во декември 2014 година Тамара во тешка здравствена состојба се уште чекала решение за лекување во странство.

Му се јавив на докторот од Хрватска, кој ја оперираше на Филип Втори, и го известив дека Тамара има скратување на ногата и отежнато дишење. Тој ми рече дека во тој стадиум во кој се наоѓа, тоа е нормално и дека е добро е што уште е жива. На 11 февруари 2015 година, три дена откако Тамара почина, добив решение од Фондот за лекување во странство, не знам како може мртов пациент да добие решение за лекување во странство, говореше Димовска.

Таа додаде дека во 2014 година сите дечиња со истата дијагноза кои биле одбиени од Фондот, чекале да се отвори спиналниот центар, кој не е отворен до ден денес. Во 2015 година по смртта на Тамара, четирите дечиња добиле позитивно решение и биле упатени да се лекуваат во странство.

Докторот кој ја оперираше ми ја донесе буквално во раце и рече дека доколку не се оперира во најкус можен рок, постои можност да почине. Ми рече дека има големо оштетување на белите дробови и градниот кош. Ни напиша план како треба да се изведе лекувањето на Тамара и вградувањето на нова шипка која би ја носела цел живот. Со сите документи се обратив на клиника. Добив конзилијарно мислење, потпишано од тројца доктори, дека поради специфичноста на болеста пациентката мора да се лекува во странство. - изјави Жаклина Димовска.

Димовска посведочи дека потребната документација и конзилијарното мислење ги предала во Фондот за здравствено осигурување, но дека добила решение со кое се сугерира лекување во државава, односно дека треба да се причека на отворањето на новиот спинален центар.

На крајот, таа рече дека се приклучува во кривичното гонење на Обвинителството во постапката против членовите на првостепената и второстепената Комисија во Фондот за здравство. Сепак, остави на нејзините правни застапници да одлучат дали ќе биде побарана оштета.

Од октомври 2014 година обвинетите како службени лица во јавни установи несовесно постапувале и го повредиле правото на детето Тамара Димовска. Дел од обвинетите на седница за давање оценка за упатување на лекување во странство,  не одобриле такво лекување со образложение дека операција може да се направи на клиника во Македонија, по што следела ратификација на таа одлука од страна на другиот дел од обвинетите. Со тоа обвинетите сториле кривично дело „несовесно работење во службата,,.

Обвинети за смртта на малат Тамара се  Маја Парнаџиева – Змејкова и Џемаили Мехази, како директори на Фондот за здравствено осигурување, Владимир Поповски, Александар Чапароски, Лилјана Тозија, Наталија Долненец Банева и Никола Граматиковски, како членови на првостепената комисија која го донела првостепеното решение со кое се одбива лекувањето во странство на малолетната Тамара Димовска и против Александар Стојановиќ, Шабан Мемети, Ристе Симеонов, Елена Трпковска и Аспазија Софијанова како членови на второстепената комисија кои го потврдиле првостепеното решение. На листата  обвинети  не е тогашниот  министер за здравство Никола Тодоров.  Обвинителството товари  12 лица за сторено кривично дело – Несовесно работење во службата. Тие на претходното рочиште се изјаснија дека не се чувствуваат за виновни. 

Жаклина Димовска при сослушувањето реагирала до правниот застапник на еден од обвинетите, адвокат Сашо   Дуковски  кој е член на Собранието на Хелсиншки комитет, кое ја поднесе кривичната пријава до Обвинителство против членовите на Комисиите во Фондот за здравствено осигурување. По оваа кривична пријава постапуваше Обвинителството и поднесе обвинителен акт против осомничените а сега Дуковски бранител на еден од обвинетите.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати