Заврши меѓународната школа за археологија, која се одржува во Стоби

Петар Печков

Еден месец траеше  11-тата меѓународна школа за археологија, која се одржува во локалитетот Стоби. Неа ја посетуваа дванаесет студенти од Канада, САД и Австралија, кои  беа дел од тренинг програмата за изучување на основните методи на археолошко ископување и изработка на теренска документација.

„Посетителите  работеа на  теренски дневник, фотографија, фотограметрија, техничка документација, локус листи и теренски инвентар. Истражувањата се одвиваа на просторот меѓу Теодосијанската палата и т.н. Затвор, при што беа ископувани два објекти кои егзистирале на крајот од доцната антика и раниот среден век. Овие градби се одвоени со улица од Теодосијанската палата и во својата архитектура ги користат ѕидовите на т.н. Затвор. Истражувањата на овој простор започнаа во 2014 година како дел од интернационалната археолошка школа“ - кажа Спасе Перовски директор на НУ Стоби.

Школата се одржа во текот на месец јули. Таа е дел од партнерството со бугарската невладина организација „Балканско наследство“  и работи од  2010 година.  Покрај теренската работа, посетителите  слушаа  предавања за римската историја и археологија на подрачјето на Македонија, а имаа и едукативни посети на Охрид, Битола и Скопје и изборна посета на Пела и Вергина.

„Цел на археолошките истражувања на овој простор е документирање на релацијата меѓу Теодосијанската палата и т.н. Затвор, како и истражување на „Затворот“ со што ќе се дефинира неговата намена, периодот на изградба и периодот на функционирање. Во 2019 година, за време на  неговото истражување во рамките на школата, беше откриена мермерна скулптура на Дионис која потекнува од 2-3 век, но  во 6-7 век била употребена како градежен материјал во ѕидовите“ - додава Перовски.

Школата се финансирана од донациите на учесниците, а ја реализираа стручни лица од НУ Стоби,  невладината „Балканско наследство“ од Софија и универзитетот Квинс во Канада.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати