Заев, Владата останува посветена на интеграцијата на Бошњаците во општеството

Петар Печков


Вчеравечер во Горно Оризари се одржа централната манифестација  во Македонија, за одбележување на 28-ми септември, Денот на Бошњаците. 

На академијата  пред бројните гости се обрати премиерот Зоран Заев, кој кажа дека  Бошњаците секогаш и во добро и во зло ја прикажуваат припадноста кон државата  и придонесуваат во изградбата и развојот на институциите на Македонија.

Ми претставува особено задоволство фактот дека од 2018 година, во нашиот мандат, во образованието на учениците Бошњаци им е вратено правото на редовна настава на босански јазик. Во овој мандат ќе ги формираме и националните совети на помалкубројните заедници, за да можете и вие Бошњаците да одлучувате што ви е вам важно и приоритет. Така ќе биде и за другите помалкубројни етнички заедници. Владата останува посветена на афирмација на културата, посебностите и традициите на секоја заедница во нашата земја, а во таа смисла и грижата за натамошна интеграција на Бошњаците во македонското општеството. Во 2017 и 2018 година нашата земја и Босна и Херцеговина потпишаа серија на билатерални договори, од кои издвојувам две важни работи: наскоро граѓаните на двете земји ќе почнат да се движат само со лични карти, студентите од Македонија во БиХ ќе можат да студираат како домашни студенти. И обратно - порача премиерот Заев.

Тој потсети дека денес босанскиот јазик е дел од програмата на Националната телевизија, а токму  во Оризари со децении се одржува значајната културно- спортска манифестација „Средби на Бошњаците“.

Претседателот на МЗ Горно Оризари Енвер Карталовиќ кажа дека населбата брои 1,7 илјади жители и уште  најмалку илјада живеат во Виена- Австрија а петстотини во други градови низ светот.

Сакам посебно да ја поздравам нашата дијаспора, не само од Оризари, туку и сите Бошњаци кои се надвор од државата, оти тие се нашата најголема сила, на населбата но и на државата.  Ако само за една година се изградат 10 куќи во Македонија од Бошњаци, тоа е  најмалку вложено еден милион евра во економијата. Ние сме малцинство во државата,  но не  сакам кога велат дека ние Бошњаците сме малцинство, ние сме граѓани како и сите други во оваа држава, бидејќи и ова е наша држава - рече Карталовиќ.

Тој побра како најголема бошњачка населба во земјава,  Горно Оризари  заслужува да добие спортска сала.

На академијата присуствуваа и заменикот министер за локална самоуправа Зоран Димитровски, градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, како и гости од Нови Пазар и од Сјеница- Србија. Како дел до програмата настап имаше Хамза Шкриељ од Санџак и КУД „Лилијан“ од Скопје.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати