За Чист понеделник, на Мегдан

Петар Печков

Првиот ден по Прочка, Чист Понеделник е почеток на четириесетдневните Велигденски пости. Овој ден се обележува во Велес со традиционално јадење на  секоја велешка трпеза -  бел грав и со собир во велешкото маало  Мегдан. Тука е срцето на старото градско јадро.  Жителите на Мегдан љубоморно и со гордост ја чуваат оваа традиција, со години со децении.  Сите гости се добредојдени, било од каде да се, од  кој  дел на градот. Грав и јадење име за сите.

Мегдан доаѓа од турскиот збор чистина а денес го одбележуваме тука чист понеделник. Има некоја симболика и поврзаност - рече годинашниов кум  Раде Петковски. Тој има обврска да обезбеди мезе, пиење, грав.  Него го подготви  Лазар Тоцинов.

Годинава спремив десетина килограми грав, да има за сите. Потребно е уште сува пиперка и кромид, зачин нема. Го подготвував три саати - рече Тоцинов.   До година кумови се  Баже Чорев и Никола Крстев. Тие сами се пријавиле. На прашањето зошто, двајцата со идентичен одговор ,,оти сме мегданчани,,.  

Традицијата  за овој ден е поврзана со зимата која заминува и доаѓањето на пролетта кога почнува чистењето на домовите, куќите и дуќаните, како и со прочистувањето на луѓето од тешките зимски јадења.  Домаќините со широко отворени раце ги пречекуваат гостите.  Меѓу гостите на Мегдан на чист понеделник беа   двајца  гости од Скопје  родени велешани  Ѓорѓи Дебарлиев и Иван Тодоровски.

Доаѓам специјално за овој ден од Скопје. Се собравме со старите маалски другари како пред седумдесет години. Тука ни помина детството младоста, од тука на Тополка, на Адата, на Вршник. Весело е тука, ме влече носталгијата. Бевме компактна екипа, десетина деца, не делеше само спиењето. Овие моменти се  незаборавни, за босоногото детство, за калдрмата која беше, душата ми е полна - кажа Тодоровски.   

Не сум дошол две години, децата се во странство и во овој период и јас бев отсутен од земјава. Но еве  годинава сум тука и дојдов задолжително, со сопругата. Се враќам во детството, се гледам со старите соседи, пријатели, денот е таков. Убаво е чувството и задоволство е да се биде тука - вели Ѓорѓи.  Тој е тука со сопругата Лилјана, која беше да се види со жените мегданчанки.   

Овој дел на градот,  го добил името по турскиот збор мегдан бидејќи е чистина,  од каде се гледа стариот дел на Велес.

Чист понеделник, по раскажувањето на постарите се слави стотина и повеќе години, од почетокот на минатиот век. Оваа традиција има корен. Имаше години кога малку замре ама ја оживеавме. Старите мегданчани Ѓорги Гајдата, Благој Тоцинот го одржуваа а ние како деца со чините и лепче од дома доаѓавме да земеме порција бел грав. Додека не има, ќе го има и овој ден - вели Ристо Ивчев Картушот, најпознатиот жител на Мегдан.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати