Изложба за порцеланот- бренд на Велес, кој се наоѓал во домовите на милиони луѓе низ светот (фото видео)

Петар Печков

Историјата  на велешкиот порцелан е претставена со околу 300 предмети, изработки на вработените од некогашниот гигант Порцеланка „Борис Кидрич“ од Велес, кој постоеше безмалку пет децении 1954-2003 година.

„Порцелановите луѓе“ е името на изложбата, зад која се кријат познати и непознати работници, декоратери, дизајнери, кои дале учество  со нивната креација во изработката на милиони предмети, кои завршила во домовите на милиони семејства низ светот. Локацијата е Ликовен салон во Велес, каде  преку дизајнот и декорацијата  на изложените изработени предмети се доловува уметноста која тие ја носат. 

„Порцеланови луѓе, ви се обраќам Вам, бидејќи благодарение на вашата креативната  енергија, денес имаме можност да откриеме  минорно делче, од тоа што беше макотрпно создавано  безмалку 50 години а за неколку години со безкорпулозни бизнис комбинации беше урнисано. Не беше урнисан само објектот до непрепознатливост, туку  животот на луѓето од половина град. Тие со голема љубов но и со голема горчина се сеќаваат на тој период и уште го носат бремето на тешкотиите со кој се соочија нивните семејства. При работата констатиравме отсуство на потпис на авторите на предметите, што не е документарна празнина туку симптом на една поширока културна состојба  на невидливоста која ги следела авторите  низ социјалистичката епоха, особено во раните 50-ти и 60 години. Се славела колективната продукција, ја потиснувале личната“ – кажа Јасмина Намичева автор на проектот, кој една година е работен заедно со   Филип Фидановски, Јасмина Дамјановска и Екатерина Намичева Тодоровска. 

Авторката Намичева, не можеше да ги сокрие емоциите од  работата, кога при влезот во некогашната фабрика доживеале разочарување. Илјадници сини  коверти со испишани имиња на работници со пресметки за плати, кои вработените никогаш не ги добиле, не биле исплатени.  Затоа и влезот на изложбата  во Ликовен салон е е со таков амбиент,  нем потсетник на  состојбата во фаабриката. Како цунами да поминало низ халите и е разградено се што претходно 45 години е создавано.

„Движејќи се низ опустошените и ограбени фабрички хали, се движевме низ тажната историја на човековата глупост“ – рече Намичева, која искажа голема благодарност до сегашниот соственик  Комерцијална банка и директорот Хари Костов, и директорот од банката во Велес, кои дозволиле влез во објектот. 

„Одличен пример  за изработка по терк на Западните земји е евергрин сетот за кафе и чај, со барокна форма, кој е почнат да се произведува од раните 60-ти години до почетокот на 90-тодини, со апликации на Ромео и Јулија, различни баркони сцени,  збогатени со многу златни декорации. Тоа е време кога комшиското пиење на кафе е ритуал, кога оброкот е е столбот на зачувување на културата на живеење во Велес.  На овие сервиси има златни елементи од 18 каратно злато, носено од Мајданпек Србија. Коштало многу ама се продавало и се барало. Ваков сличен сервис има  Венецијанска серија, велешкиот е негова копија“ – објасни Намичева

 „Овој проект има едно посебно длабоко значење, не оти е прв во историјата на Македонија, туку затоа што е обид да се сочува историјата на индустрискиот дизајн во земјава. Историја заборавена во архивите на напуштените објекти и разрушени ѕидови на едно време. Со оваа изложба производите на Порцеланка се трансформираат во културни артефакти. Таа ја обнови вредноста за индустриското наследство. Изложбата не потсетува дека фабриките можат да бидат храмови на уметност. Така отвараме една врата кон сеќавањата, културна историја која не смее да биде заборавена“ –  рече промоторот Кирил Пенушлиски, историчар на уметност.

Во Порцеланка работеле дизајнерите  Тодор Јорданов,  Сузана Зафировска, Војко  Јаневски, доајени на индустриски дизајн, пионери во Македонија.  Во Дизајн студиото работеле  Сута Даева Тодоровска, Гавро Петрушев, Благородна Николова, Милан Терзовски. Филип Фидановски професор по дизајн на процелан и стакло во средно уметничком училиште во Скопје, и еден од авторите на изложбата, дизајнерите, декоратерит ги нарече  првенци на македонскиот индустриски дизајн. 

„Работев на дизајн на предметите и пресликачи, слики за истите. Имаше директори кои беа поголеми уметници од мене. Тие секогаш имаа забелешки, душата ми ја вадеа на најубавото, кое потоа имаше одѕив во јавноста а помалку вредното велеа е ова ќе го работиме“  - се сеќава   Сузана Георгиева Зафирова дизајнер во Порцеланка, академски сликар, која завршила во Словенија и потоа била работно ангажирана во фабриката. 

„Работев на украсен дизајн на предмети за домаќинство.  Работевме скици, седевме на грнчарско колце и сами го обликувавме, па моделари ги множеа во калапи, по што се влегува во произвдоство.  Нашиот порцелан беше многу баран“ – се сеќаваТодор Јованов дизајнер кој 32  години минал во Порцеланка од 1972 до 1993. 

Почетокот на фабриката во основање е 1951 година прв директор Милан Сланев, кога кон неа е приклучена тогаш национализираната фабрика за керамика Вила Зора. Ја граделе затвореници од Идризово и тоа заедно со фабриката  Свилара, која била во соседство.  Бидејќи немало толку луѓе за изградба, работеле наизменично малку на едната фабрика, па на другата. Исто и со механизацијата, која била оскудна. Останка од двете фабрики се одлично сочуваните фабрички оџаци.
 Оваа грандизона изложба  е реализирана со  буџет од 160 илјади денари од Министерството за култура, преку годишната програма.  

Загребската фабрика за порцелан, има издадено монографија, каде пишува дека нивните дизајнери  во раните 60 години се првите индустриски дизајнери во СФР Југославија. Истражувањето на документите од Порцеланка, покажало дека Миле Терзовски од Куманово, кој во Порцеланка е вработен од крајот на 1955 е првиот индустриски дизајнер не само во Македонија, туку во Југославија. Изложбата на неговите дела тогашната критика ја нарекла „баухаусовска“, според форматот на изработка на предметите. 

Со оваа изложба, преку уметност,  оживуваат повторно спомените од порцеланот.  Проектот  е  реализиран преку  Здружението за архитектура, дизајн и култура – Архифакт од Скопје во соработка со Народен музеј од  Велес и Државен Архив-подрачна единица Велес.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Како ќе ја помните годината зад нас, 2025?

  • што поскоро да ја заборавам
  • ги помнам само убавите моменти
  • постар/а сум за една година
  • ми донесе многу радости и убави мигови
  • како и секоја друга
  • имаше и убави и лоши работи
Резултати