Петар Печков
Објавено: вторник, 11 ноември 2025
Во фоајето на Велешки театар поставена е изложбата „Куќата на порцеланот“ на Филип Фидановски, дипломиран керамичар а подоцна и магистер. На изложбата се претставени скулптури и инсталации во простор. Меѓу нив е и дел од песната „Татунчо“ на Рацин. На дваесетина порцелански чинии е напишан по еден збор од неа.
„Морам да се заблагодарам на Ласко Џуровски, кој овозможи со глаголичното писмо и кириличното писмо да се испишат дел од експонатите, а со кириличното е испишана Татунчо, со оригиналниот ракопис на Рацин. Благодарност до Срѓан и Тања Ристиќ од Заечер, со чија помош се направени калапите за експонатите“ – кажа Фидановски.
Поставени се и двесетина вазни, од француски порцелан, а при нивната изработка се користени делови од предмети изработени во велешка Порцеланка, капачиња за садови. Еден од излиените и изработени предмети бил испечен во оригинална печка на Порцеланка, која сега се наоѓала во дом на производител во Скопје.
„Ќе забележите дека на главите од овие порцелански изработки се аплицирани дел од производството на Порцеланка, капачиња од чајници, тацни за сладолед. Филип им дава нов живот и ги употребува за друга цел. Многу интересна и современа изложба, со која сите треба да се гордееме“ – рече кураторот Кирил Пенушлиски.
„Филип создаде извонредни дела, кои што вечерва можете да ги гледате. Изложбата содржи мошне важни елементи. Тој создаде уметнички триптих, во еден дел ги вметна стиховите на Рацин, тоа е почит кон големиот Рацин а со кириличното писмо и кон сопственото писмо“ – рече Јасминка Намичева, кустос советник на Музеј на град Скопје.
Изложбата во фоајето на театарот ќе биде поставена десетина дена.
