Кирил Гравчев, амблем на велешки театар

Петар Печков

Актерот Кирил Гравчев  неодамна ја доби наградата за животно дело ,,Петре Прличко,,. Тој овој момент го доживеа многу емотивно, беше возбуден и необјасниво молчалив, наспроти неговата енергија на сцената.

На велешката театарска  сцена е 46 години, од 1970-та во младинското студио,  на театарските штици бил со најзначајните македонски актерски имиња, најмногу се гордее што настапувал со Петре Прличко, Тодорче Николовски.

Публиката ги помни неговите улоги како Кир Дима  во ,,Кир Јања,, Спиров во ,,Чорбаџи Теодос,, Таса во ,,Сомнително лице,, ,,Степан во ,,Женидба, Бопчински во ,,Ревизор`` улогата на писарот во ,,Јазовец пред суд``.  

Настапуваше и во бројните антички престави играни на локалитетот Стоби.  Гравчев е актер на велешкиот театар ,,Јордан Хаџи Константинов Џинот,, кој зад себе има повеќе од сто актерски ролји во драмски претстави, улоги  во тв филмови,   како и впечатливи  епизоди  во  филмовите ,,Тетовирање`` ,,Големата вода`` ,,Преку езерото`` ,,Години на надеж`` ,,Прашина``. Глума завршува на академијата во Софија заедно со колешката Слободанка Чичевска,  кај Александар Илиев  мајстор на пантомимата.

Како благодарност при добивањето на наградата ,,Петре Прличко,,  се заблагодари со реплика од претставата ,,40 маченици,,  

       Кога ја добивте наградата, публиката ве награди со долг аплауз,што зборува дека  сте сакана и почитувана личност. Како ја доживеа оваа награда?

 Ми донесе многу радост. Ме радуваше што многу пријатели, велешани ми пристапија, ми честитаа. Некои кои одамна не сме се виделе, чуле, ме пронајдоа  за да ми честитаат. Ова ми беше големо задоволство. 

          Ова е награда за животно дело. Некои ја доживуваат за крај, за завршување  на  кариерата.  Каде се гледате натаму?

 Имам уште да кажам на сцената. Тек дури сега  почнувам. Продолжувам натаму, не мислам да застанам.  

           Како се случи да дојдеш на сцената? Помниш ли?

Велешкиот професионален театар беше затворен, работеше младинското - драмско  студио кое го раководеше Боре Ангеловски.  Тоа беше крајот на 60-тите години. Имало аудиција не знаев за неа, ама навечер на корзото некои од другарите ги снема. Ги прашав каде сте, што се  случува со вас, да ве нема, оти беше чудно. Кире не примија во театар ама ќе има пак аудиција -одговорија.   Отидов со другар, не` примија и натаму се  беше историја. Имав 19 години.  Жирито беа Дане  Анастов, Илија Смилев, Боре Ангеловски и Тодор Кузманов. 

       Дали претходно некогаш си бил во театар?

Одев со моите родители. Интересно е како прв пат гледав претстава. Тоа беше по грешка, несакајќи. Треба да се знае дека во тоа време театарот беше кираџија во киното на Ѕиката, тогаш кино Вардар.    Играше  вестерн филмот ,,Дејвид Крокет,,  за кого имаше огромен интерес. Три дена одев и секогаш картите продадени. Одам четвртиот прашувам карти има, продавачка вели има, јас среќен влегувам, полна сала. Се исклучија светилките се дигна завесата, што дотогаш не  било и на мое изненадување се појавија луѓе, тоа беа актерите и одиграа претстава.  Ме воодушевија, беше тоа ,,Оливер Твист,, играа Димче Бегин,  Димче Грбе.  И така ме  опчинија, се заљубив на театарот и потоа цел живот му се посветив. Ми отиде  паметот во глумата. 

       Што ти остави во сеќавање од работата во стариот театар?

     Ми остави дружба со великаните Прличко, Николовски, Благој Анчевски Руски, Ристо Мајсторов, Владимир Гравчев – кој не ми е род, Тодор Кузманов, Боре Ангеловски, Маркос Минин,   старото бифе кое сами го направивме под сцената, каде миневме ноќи и ноќи. Ништо друго на разговаравме освен за театарот.   Од таа дружба со Кузманов, Ангеловски и јас,  во 1974-та во Скопје, го оформивме театар ,,Чекори,,.   Со него бевме по цела Југославија и многу награди освоивме. 

     Имаш настапено во Москва. По кој повод? 

Бевме во родното село на Чехов, Мелихово, близу Москва. Настапивме јас,  Младен Крстевски и Весна Димитровска со ,,Душичка,, од Чехов. Тоа е една мала камерна сцена, во неговата  родна куќа. Ова е настан кој ќе го   помнам цел живот. 

   Имаш одиграно многу ролји, имаш ли некоја која ја  посакуваш, некоја неостварена желба?

 Сите кои ги добивам да ги играм ми се неостварени. Секоја следна ми е таа која ја посакувам. 

    Настапуваш и во многу тв приказни, тв проекти?

Да доста сум ангажиран. Учествував во новата тв серија ,,Операција дијамант,, која оди на  ТВ Сител, работев и на новиот филм на Владимир Блажевски ,,Слобода или смрт,,  .

      Публиката те доживува многу непосредно, колегите велат дека сте амблем  на велешки театар, нешто по што тој се препознава. Од каде тоа? 

Публиката ја сакам многу,  играм како пред некои мои најблиски. Одам со позитивна мисла, дошла да ми аплаудира да ме бодри. Тоа таа го препознала.  

    Како актер кој мина пет децении во велешки театар, што помниш, што е нешто што треба да се издвои?

  Во нашиот театар ги промовиравме и тука ја започна нивната драматуршка кариера. Први ги игравме текстовите на Сашко Насев, Југослав Петровски,   Дејан Дуковски, Огнен Неделковски, Жанина Мирчевска. Од режисерите своето деби на театарска сцена токму во велешки театар го имаа  Ацо Поповски, Златко Славески. Неодминлив факт е дека далеку пред сите во Велес беа поставени Бекет, Мајаковски, Пинтер, Лорка.  Чекајќи го Годо го игравме меѓу првите во Југославија. Затоа го сакам велешкиот театар. 

loading...

Поврзани »

loading...


Дежурство на аптеките (АПРИЛ)

АКРЕДИТИВ ДООЕЛ
Друштво за сметководствени
услуги и финансиски консалтинг.
Тел: 071 390 738; 078 375 014
akreditiv14@gmail.com


АНКЕТА »

Дали граѓаните кои добија ослободување од плаќање на сметки за вода, камати и дел од кредити, од јавно осветлување треба да имаат задолжителна општо корисна работа во градот?

  • да, треба да ги одработат бонусите
  • не, уште тоа им фали
Резултати