Легенда како Клепа го добила своето име

Петар Печков

На 20км југо-западно од Велес се наоѓа селото Водоврати. Во ова село живеел парохискиот свештеник поп Аврам, чие семејство се состоело од шест члена. Покрај попадијата тој имал два сина, ќерка и снаа за постариот син Јаков. Јаков бил женет за ќерката на видниот селски првенец од селото Крајници Томе Јосифов. Свештеникот Аврам бил близок пријател на Вета Џока кој често пати навраќал кај поп Аврам. Тој со своите 25 луѓе го штител манастирот Св. Константин и Елена во селото Свеќани, а и селото Водоврати од арамии.

На 21 ноември 1605 год. по стар календар празникот Воведение (Св. Пречиста) го славело селото Крајници, па затоа Јаков со својата млада жена спроти празникот на 20 ноември попладне отишол на гости кај дедо си Томе во Крајници. Патот за Крајници водел покрај манастирот Св. Константин и Елена кај Свеќани кој бил оддалечен од Водоврати 10км. Јаков со невестата стасал во Крајници од вечер. Тие таму вечерале и преноќевале. По завршувањето на славата на 22 ноември попладне Јаков и неговата невеста тргнале за дома.

Враќајќи се кога стасале до Свеќанскиот манастир невестата на Јаков му предложила да слезат од коњите и да запалат свеќи во манастирот. Јаков без двоумење се согласил. Тие ги врзале коњите пред манастирската порта. Влегле во црквата и запалиле по две свеќи. На излегување од црквата ги здогледал игуменот Василиј, кој седел покрај пенџерето во својата одаја и ги поканил младите да се одморат, да испијат по едно кафе и чаша ракија. Гостите ја прифатиле поканата, навратиле кај игуменот.

Во тоа време кај игуменот се јавила лоша мисла. Тој им наредил на калуѓерите да го одвојат Јаков од невестата во друга соба, да го врзат за гуша и да го удават. Невестата останала жива и ја затвориле во некој подрум. Коњите ги заклале и ги закопале под племњата, а Јаков го закопале во племњата. Поминале три дена од селската служба на селото Крајници, Јаков со невестата не се вратил дома.

Тогаш домашните се вознемириле, затоа поп Аврам, таткото на Јаков , веднаш заминал за Крајници да види зошто синот и снаата не се вратиле. Одговорот на роднините во Крајници бил како што и било, дека гостите си тргнале за Водоврати веднаш по вториот ден на Св. Пречиста. Настанала општа жалост како кај Томета во село Крајници така и во домот на поп Аврам во село Водоврати. Сите мислеле дека Јаков и жена му се жртва на Вета Џока наклеветени од некого. Никој не се посомневал во братијата на Свеќанскиот манастир. Додека во овие две села и нивната околија, наголемо се раскажувало за несреќата што ги снашла овие две семејства, ненадејно пристигнал во село Водоврати Вета Џока со својата дружина. Како и секогаш пристигнал во домот на поп Аврам.

Тој многу се изненадил кога ја видел попадиката уплакана, а Аврам го немало дома како и синот Јаков и неговата невеста. Вета многу заинтересиран барал од попадиката да му ја раскаже целата случка. Не можел така лесно да помине преку оваа несреќа што го снашла неговиот пријател. Тој одамна скроил план како да се најдат злочиниците. Со  четата тргнал за село Крајници да го бара виновникот, и како и каде се исчезнати Јаков и невестата.

Кога се приближил Вета до Свеќанските пасишта и имотот на Свеќанскиот манастир го сретнал манастирскиот говедар каде што ги пасе говедата. Тој го прашал говедарот дали секогаш тука ја пасе стоката, одговорот бил да. Уследило друго прашање, дали пред некој ден видел да помине едно момче со невестата кои оделе во правец на село Крајници и дали ги видел по два дена да се вратат итн.

На сите поставени прашања говедарот одговорил потврдно. Потоа Вета Џока продолжил за село Крајници каде што како и секогаш навратил во куќата на Томе Јосифов, таткото на невестата кој исто така бил добар пријател на Вета Џока. И тука како во село Водоврати му рекле дека младите го напуштиле селото и заминале накај дома. Тогаш на Вета Џока му било јасно покажувањето на говедарот дека трагата на Јаков и жена му се губи некаде околу манастирот во кој живееле калуѓери Грци со игуменот Василиј.

Вета без двоумење навратил во манастирот и таму ги нашол сите калуѓери на чело со игуменот кој гостински убаво ги дочекал. Вета Џока му наредил на игуменот да ги собере сите калуѓери освен говедарот и започнал да ги распрашува дали нешто знаат за Јаков и неговата невеста, дали ги виделе некаде во близина на манастирот, а им поставил и други прашања. Тие на сите одговориле негативно и дека не знаат ништо. Тогаш по наредба на арамбашата игуменот ги вовел во манастирската црква и ги натерал пред Бога да се заколнат дека ја зборуваат вистината.

На Вета Џока не му останало ништо друго па наредил на дружината да отпочнат со колење на калуѓерите. Еден по еден ги изведувале и ги колеле пред другите. Се додека еден од нив Михаил се согласил да ја каже вистината. Се претпоставува дека се заклани дваесет калуѓери. Потоа било откопано телото на Јаков, а била извадена и неговата жена измачена и уплашена од игуменот, откриени се и коњите. Како казна за стореното биле ликвидирани и останатите калуѓери заедно со игуменот а бил помилуван само калуѓерот Михаил кој придонел Вета да ја открие вистината со помош на манастирскиот говедар. Тогаш Вета наредил манастирот заедно со конаците и амбарите како сквернавен од неморалот на калуѓерите веднаш да се запали. Мртвото тело на Јаков и невестата се однесени за село Водоврати.

Манастирската стока била дадена на калуѓерот Михаил и говедарот за нивното праведно држење. Тогаш Михаил и говедарот отишле под врвот на Клепа со камења изѕидале мала куќичка на која го закачиле манастирското клепало и почнале со него да удираат. Ударите на клепалото ги слушнало населението на околните села и си велеле што клепа горе во планината. Така оваа планина од зборот клепа го добила името Клепа, а дотогаш имало друго име.

извадок од книгата Монографија за селата Горно Чичево и Подлес  на авторот Страшо Ончевски Шијаков  

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати