Мостот на Црна река кај Стоби попушти, железничкиот сообраќај за Гевгелија во прекин

Петар Печков

Железничкиот сообраќај на релацијата Велес - Гевгелија од утре ќе биде во прекин. Причина за тоа е што попуштил Железничкиот мост  над реката Црна, кај локалитетот  Стоби па железничкиот сообраќај не бил безбеден. За ова кратко со соопштение информираа од МЖ Транспорт. 

Македонски железници Транспорт АД ги информира патниците дека од 02.10.2018 година (вторник), поради појавени деформации на бетонскиот мост кој се наоѓа помеѓу станица Градско и крстосница Кукуричани, патниот правец Велес – Гевгелија е прекинат за сообраќај - стои во соопштението.  Додаваат дека  прекинот ќе трае до завршување на санацијата на дефектот, за што  патниците ќе бидат благовремено информирани. Во меѓувреме, возовите кои сообраќаа на релација Скопје- Гевгелија и Гевгелија- Скопје, ќе сообраќаат само до Велес и обратно.

За проблемот со мостот реагирал саботата напладне машиновозачаот кој последен минал преку него, превезувајќи композиција со товарни вагони  полни со нафта, од Солун - за Скопје. Тој на колегите им кажал дека мостот сериозно бил со нарушена стабилност и добро е што успеал да мине преку него. Екипи на МЖ инфраструктура биле на лице место  и констатирале дека  столбовите на мостот се напукнати.  Од тогаш МЖ инфраструктура обезбедила автобуси и до денес, понеделник ги префрлаше патниците од железничката станица Велес до железничка станица Кукуричани и обратно. Од утре и оваа  алтернатива  ќе биде укината.   Секојдневно  од Скопје за Гевгелија и обратно сообраќаа два патнички воза, еден наутро и еден попладне.   Со  прекинот на железничкиот сообраќај од Солун за Скопје, најголем удар ќе има МЖ Инфраструктура  бидејќи од превозот на кинеската стока, со по два товарни воза секојдневно од Солун за европските метрополи, ќе се одлее голема девизна заработувачка. Сега како алтернативен превоз за кинеската стока  ќе се користи пругата преку Бугарија.  Потешкотии ќе има и за превозот на нафтените деривати за македонските увозници бидејќи тие сега ќе може да се достават само до Криволак или Неготино .     

Но тука не е крајот на проблемите за македонските патници кои ги користат услугите на МЖ. Од денес, први октомври укинат е меѓународниот патнички воз на релација Белград - Солун и обратно.  Тоа во договор го сториле Српската и Грчката железница а Македонската бидејќи возот само транзитирал низ земјава, немала можност да реагира.  Српската железница тврдела дека оваа линија била економски неисплатлива и дека ќе ја воведат дури наредната година за летната сезона.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати