Наградата „Петре Прличко“ е некоја комуникација меѓу мене и дедо ми Петре, кажа добитникот Игор Џамбазов

Петар Печков

Денот кога Игор Џамбазов ја доби актерската награда за животно дело „Петре Прличко“ бил најсреќниот ден во неговиот живот,заедно со моментот кога ја запознал Илина, љубовта на неговиот живот. Ова го кажа добитникот при добивањето на плакетата со ликот на Прличко, и паричната награда од 30 илјади денари.  

„Првото откако ми соопштија дека сум добитник на наградат „Петре Прличко“ си реков, да не  е незгодно. Познат е менталитетот на нашите луѓе, ќе излезе дека мојата фамилија ми ја дала наградата мене. Нема со што  да ја споредам таа доза на радост, среќа и  како да му  се оддолжувам на дедо ми, што не сум направил нешто додека сум бил жив.  И како тој да ми се оддолжува што не ми докажал  додека бил жив. Верувам во судбина и ова е некоја комуникација помеѓу него и мене, можеби и повеќе“- рече добитникот Џамбазов.    

Тој објасни  дека оваа награда и таа посветена на мајка му „Анче Џамбазова“, која пред некоја година ја доби на Фестивалот „Гола месечина“ во Скопје  му се најдрагите во животот. Вистинска реткост е да се добијат две награди именувани по два блиски члена на семејството.  Тој ја отвори душата и искрено кажа како му минал досегашниот живот.

„Тие што ги читале моите книги знаат дека јас во мојот живот сум се појавувал во неколку животински облици. Кога бев млад актер бев петле, скока, мисли дека се знае. Потоа стануваш посериозен актер и тогаш си мајмун. Откако ќе ги споиш театарот, алкохолот, жените, забранетите супстанци, комарот тогаш стануваш свиња. Неколку жени во животот ме направија магаре.  И така со гордост ја примам оваа награда за животни“ - рече Џамбазов. Тој ја откри и тајната за потписот на неговиот дедо „5РЕ“ по кој овој театарски фестивал го доби името.

„Тоа беше за време на снимањето на играниот филм  „Македонскиот дел од пеколот“ , во кој двајцата настапувавме, во далечната 1970 година, на црно белите картички со негови фотографии,  направени од „Вардар филм“ бидејќи Петре беше голема ѕвезда, на сите  им се потпишуваше со „5-ре“. Тоа беше негова измислица. Ме прашуваат што ти остави дедо ти, куќи, пари, палати.  Од каде бе луѓе глумец толку пари. Ми остави нешто највредно, што со пари не се плаќа - талентот, кој со пари не се купува. Детето од Којник, момчето што бил и цар и војник, мајстор за Вардарски бојник (вид риба), ме прогласија за негов двојник. Петре, Петре момчето од Којник“ -  изјави Џамбазов.

На прашањето кога може да се очекува негово враќање на театарската сцена Игор објасни дека по короната ќе му треба долго време на театарот  да се рехабилитира, бидејќи претставите не биле играни  две години и треба  време да се обноват. 

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати