Опаѓа бројот на активни случаи во велешко и на лежечки пациенти во Болница

Петар Печков

Неколку дена по ред, Министерството за здравство објавува дека во велешко има повеќе оздравени отколку ново заразени лица па до вчера имаше 765 активни случаи иако пред една седмица таа бројка беше 850. Опаѓа и бројот на лежечки пациенти згрижени во велешката Болница а позитивни или сомнителни на ковид-19.  Ако пред една седмица имаше 104, денес се 88. Капацитетот на велешка Болница за лица позитивни и сомнителни на ковид-19, во четирите ковид центри  е 124 легла.

„Здравствената состојбата на сите  хоспитализирани е стабилна а најмногу лица кои се на лекување се на возраст од 50 до 56 години. Најмладиот пациент е на 32 годишна возраст.  Се намалува и бројката на лица кои се на кислородна поддршка од 57 пред десетина дена на 43 денес. Евидентно е дека пикот е минат и бројот на лежечки пациенти е намален а претходниот месец состојбата беше критична “ - изјави д-р Божидар Бојаџиев директор на Општа Болница Велес.  

Изминатиот период најтешко било обезбедувањето со кислород, имало зголемена потрошувачка, но тој период е надминат, без последици по пациентите, уверува директорот.  Болницата  добила одобрени за градба, со кое целата установа ќе добие  централен довод за кислород, финансиран од сопствени средства на институцијата.

„Максимално брзо успеевме да ги завршиме сите технички и правни  работи за изградба на централен довод на кислород во Болницата. Добивме одобрение за градба од локалната власт. Продолжуваме со објава на тендер за изведувач а по изборот ќе започне и изградбата. Приоритетни ни се Инфективното и Модуларната болница, потоа и другите одделенија  и  цела Болница“ - дополни д-р Бојаџиев. Тој како најсериозен проблем го нотира персоналот и здравствените работници, кои една година се на првата линија во борбата со коронавирусот.

„Во  Болницата се чувствува недостаток и замор на персоналот, изминатите денови дури 46 лица не беа на работа, некои позитивни, други ослободени по дијагноза, трети во изолација, поради што ги вклучивме се сите специјализанти и сите доктори од сите одделенија, за да се покријат четирите ковид центри кои постојат во Болницата, Инфективно, Интерно, Физикално одделение и Модуларната  каде се лекуваат заразените. Замор се чувствува од транспортерите кои го дистрибуираат боците со кислород до докторите“  - рече  д-р Бојаџиев.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати