Остатокот од зградата на Работничкиот универзитет треба да се сруши - констатирале надлежните

Петар Печков

Тоа што остана од зградата на Работничкиот Универзитет во Велес, треба да се сруши оти не е функционална. Ова го препорачала  надлежната комисија при Општина Велес,  за утврдување на состојбата на објекти склони кон паѓање. Ова го соопштија од Државното правобранителство, по преземените дејствија, оти објектот е во државна сопственост.

„Од Работнички универзитет “Благој Страчков“ во Велес,  останати се околу две третини. Останатиот дел кој не се срушил не може да се потврди во каква состојба е од причина што постојат скриени оштетувања кои не било возможно да се лоцираат и да се предвидат поради староста на објектот. На него  во различни временски периоди се преземени различни градежни дејствија. Функционалност на објектот во обрушениот дел нема, нарушена е статичката стабилност на објектот, постојат подземни води поради што беспредметна би била санација на делот кој е обрушен, поради што Комисијата предлага објектот веднаш да се сруши целосно“ - соопштија од Државното правобранителство.

Рушењето на дел од зградата  се случи  на   17 јуни во попладневните часови. До тоа дојде откако инвеститор од соседството, кој имал одобрение за градба на куќа, но не и за рушење на истата,започнал со градежни активности. Како резултат на тоа, падна  дел од објектот, кој е изграден 1920 година и одолеа на бомбардирањата на Велес при окупацијата во  април 1941-та и сојузничките есента 1944-та.  

Локалната власт за да може да продолжи со работа институцијата и отстапи простории во некогашното ОУ „Јордан Хаџи Константинов Џинот“. Основното јавно обвинителство Велес поведе  постапка по овој настан. Истражните дејствија се во тек,  во делот  на утврдување на вина и предизвиканата штета од рушењето на објектот.

Градежен инспектор издал забрана за натамошни градежни активности, но и обврска за санација со потпорни ѕидови на земјиштето, за да се заштитат околните куќи.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати