Панко Брашнаров никако да се врати дома

Петар Печков

Со полагање на цвеќе на споменикот на Панко Брашнаров во Велес беше одбележана 135 годишнината од неговото раѓање и  67 годишнината од смртта. На овој чин присуствуваа и дел од неговите внуци, кои се разочарани од инертноста на државата за идентификација и пренос на останките на народниот учител од Велес. 

Со години зборуваме исто но ништо не се презема.   Баравме неколку години назад  да се забрза процесот за идентификување на коските на Брашнаров, чиј гроб според документи беше пронајден на гробиштата во  Мирогој во Загреб. Подготвени сме да дадеме ДНК  за идентификација. И не се најде маж да се изврши рехабилитација на Панко - рече правнукот Милчо Брашнаров.   

Панко Брашнаров народниот трибун и борец за социјални права, кај велешани е познат како ,,народниот учител,, целиот негов живот го посветил во борбата за човечки правдини. Тој бил социјалист,  член на  КПЈ и делегат на конгресот во Виена во 1926, член на првиот основачки конгрес на  ВМРО- обединета.  Неговите потомци, правнуците од браќата  ја објаснуваат големината на    нивниот дедо.

Татко ми раскажуваше дека сите џебови на  Панко биле сошиени, како да ги немал. Тоа за да  не држи пари со себе, сите што ги имал ги давал. Потоа не сакал да се ожени оти  не сакал неговата фамилија да ги трпи последиците од револуционерната борба и ставовите  кои ги имал – вели Елена Панова, правнука на Панко.   

Во неговиот 68 годишен животен пат, 50 години бил вклучен во револуционерни активности а повеќе од десет години минал во бугарски, српски и југословенски затвори. На основачкиот конгрес на ВМРО (Обединета) во октомври 1925 година е избран за член на нејзиниот прв Централен комитет. При  апсењето на Брашнар, по провалата во ВМРО  во 1928-та година петиција за негово пуштање од затвор потпишале 68 светски  интелектуалци, меѓу нив и Алберт Ајнштајн, Анри Барбис, Јакуп Хурвиц, Регина Рубен.

Животот и делото на Панко Брашнаров, маркантна личност од македонската историја, чија животна патека не е само приказна за беспоштедната борба и непокор, туку живот кој е испишан во неколку поглавја на македонската историја. Во животната патека на Панко Брашнаров, сведокот на двата Илиндена, може да се препознае историјата на македонскиот народ - рече на чествувањето Анита Василкова Мидоска директор на Народниот музеј од Велес.  

Како најстар делегат  Брашнаров го отвора Првото заседание на АСНОМ. На него е избран за потпретседател на Президиумот на АСНОМ. На 6 август е избран за повереник за информации во Президиумот на АСНОМ. Животот го завршува трагично и мизерно. По објавувањето на Резолуцијата на Информбирото против раководството на КПЈ во јуни 1948 година, Брашнаров недвосмислено застанува на страната на СССР и Сталин.

Брашнаров е уапсен на 11 декември 1950 година и на 29 јуни 1951 е осуден на „општествено полезна работа во траење од 24 месеци.“ Во првите денови од јули е испратен во логорот на Голи Оток, каде што на 13 јули умира. Долги години не се знаеше неговиот гроб, кој според документи беше откриен во 2011-та, но досега ништо не е преземено да се идентификува дали во него се и останките на Брашнаров.  

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати