Претставата „Тирамису“ премиерно во Велешкиот театар

Петар Печков

Петок вечер,  на големата сцена на Театар „Јордан Хаџи Константинов  Џинот“ Велес, со почеток во 20 часот, премиерно ќе биде изведена претставата „Тирамису“.

Работена  е  според текст на полската авторка Јоана Овшианко, во режија и адаптација на Теа Беговска. Претставата   се занимава со постпазарната етика и естетика, преиспитувајќи го феноменот на консумеризмот и потрошувачкото општество, наспроти изгубената човечност и суштинските вредности на животот.

Зборуваме за баналности, а не за суштински нешта. Се претворивме во машинерија диригирана од луѓе кои заборавиле на вистинските вредности – вели режисерката Беговска.

За неа, главна провокација за постановка на претставата е токму измислениот осми лик, кој не постои во оригиналниот текст.

Осмиот лик е се што сум јас, се што е секој еден обичен човек кој се обидува да се вклопи во наметнатиот систем на општеството. Приказната на осмиот лик живее во мене, во сите нас. Тоа е приказна за вербата во подобро утре, за вербата во човечноста и вистинските вредности – потенцира Беговска.

Во претставата настапуваат актерите: Маја Љутков, Зорица Панчиќ, Талија Настова, Марија Стефановска, Фаик Мефаилоски, Жарко Спасовски, Душица Настова и Румена Шопова.  

Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите се на Андреј Ѓоргиевски, автор на музиката е Енес Беговски, видеото е на Данчо Стефков, а дизајнот на светлото на Звездан Миљковиќ.  ,,Тирамису,,  е четврта продукција од годишната програма на Велешкиот театар за 2017 година.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати