Признанија за најдобрите просветни работници, но и за учениците

Петар Печков

Во чест на  24 мај, Денот на Сесловенските просветители, Св. Кирил и Методиј, локалната власт на Општина Велес,  ги награди најдобрите просветни работници а годинава за прв пат и најуспешните и најталентирани ученици, во основното и средно образование. 

Признанијата ги добија Лорета Стојановска за најдобар наставник во одделенска настава, Илчо Стојановски за најдобар наставник во предметна настава и Филимена Костова за најдобар наставник во средните училишта.  

Мојата работа не е само да ги научам учениците  да зборуваат на англиски, туку и да ги усмерам правилно  да го најдат својот пат во животот. Јазикот е само една алатка да се најдат во сите сфери на животот. Модерната технологија ги натера родителите, да им овозможат на децата англискиот јазик да го учат од најрани години, од градинка. Тоа е потреба, познавањето на било кој странски јазик, англиски, француски, германски. Секој човек, не само децата без познавање на некој странски јазик, се чувстува како половина - рече Костова која дипломирала на УКИМ Филолошки факултет - група англиски јазик и литература а работи како професор во Гимназијата Кочо Рацин.

Моментот кога ученикот за прв пат се сретнува со училиштето е еден од најважните во животот.  Учителката е таа која започнува да го формира како личност и таа има важна улога во животот на секое дете.

Овој миг може да се доживее, не и да се раскаже, тоа е неопислив момент. Прекрасно е чувството кога во нас ја гледаат мајката, ги подготвуваме за сите предизвици во животот. Ние добиваме бел лист од хартија и треба да го испишеме, но кога се сака се е лесно - рече  Стојановска,  која е дипломиран професор по одделенска настава при Педагошката академија во Скопје.  Таа работи во ОУ Јордан Хаџи Константинов Џинот.  

Професорот по ликовна уметност, Илчо Стојановски од ОУ Св. Кирил и Методиј дипломирал на ФЛУ во класата на проф.  Драган Поповски Дада. Тој со задоволство се сеќава на неговиот  ученик, кој денес е  вклучен во образованиот систем.

Тој ученик немаше талент, немаше предзнаења, немаше допирни точки со ликовната уметност. Беше шестто одделение, му предавале наставници со друго образование. Тоа дете денес не само што заврши средна уметничка, туку и дипломираше на ФЛУ и работи во средното уметничко во Скопје. Тоа го сметам за мојот најголем успех и доказ дека за ликовната уметност  не е потребен талент, љубов, туку може да се формира низ образованието - рече Стојановски, кој сега е в.д директор во ОУ Св. Кирил и Методиј. 

Помеѓу  учениците во средно образование  најмногу се истакнаа Никола Стојменов четврта година од ,,Коле Неделковски,, кој има освоени бројни први награди  од математика, информатика, млади истражувачи и Михаил Трајков ученик во Хемиското ,,Димитрија Чуповски кој има освоено бројни награди на натпревари по хемија а следната година ќе учествува на Олимпијадата во Париз.  Ребека Манева 9-то одд. во ОУ Васил Главинов и Вероника Гиовска 9-то одд. во ОУ Блажќе Конески  добија признанија во основно образование.  

Во своето обраќањето, градоначалникот Аце Коцевски ја нагласи улогата на наставниците за развојот на Велес и Република Македонија.

Да се чекори по патот што го зацртаа светите браќа не е нималку лесна задача. Вашата професија бара дополнителна посветеност, дополнителна одлучност и одговорност. Зошто не е  во прашање само  една личност, не  е само една човечка душа, туку генерации потомци што се калат во ваша закрила, со вашето знаење и умешност. Не е нескромно ако се каже дека вие сте градители на иднината на Македонија и дека од вас зависи нашиот општествен и културен развој, нашата одржливост и нашиот придонес како нација. - кажа Коцевски  

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати