Промовирана новата книга афоризми на Атанас Крлевски „Одлетани од крлетка“

Петар Печков

Промовирана е  најновата книга, седма по ред афоризми на велешкиот  сатиричар, Атанас Крлевски „Одлетани од крлетка“. Книгата содржи 400 афоризми во три циклуси (како и во сите негови претходни книги афоризми)- афоризми за човекот, афоризми за политиката и афоризми за жената. Промотор на книгата беше  писателката Олга Новачева- првата жена афористичар. 

Со оваа книга продолжува неговата афористичка дејност и секогаш тој е инвентивен. Ни нуди нови, интересни афоризми, модерни и современи.  Авторот ја има свежината на креација, создавање. Трите целини во книгата, човекот, политиката, жената, ги прилагодува на денешното живеење, пишува за демократија, рушење на морални вредности,. Неговите афоризми се суптилни и имаат позитивни реакции, секогаш актуелни и секој негов афоризам дава порака - рече Новачева.  

Сатиричарот Атанас Крлевски. е инженер по телекомункации. До денес напишал илјадници афоризми од кои околу две илјади се објавени во неговите седум книги и во повеќе хумористични списанија и дневни весници, електронски медиуми и интернет портали во земјава и странство .Застапен е и во неколку Антологии на македонскиот и балканскиот афоризам. Афоризмите на Крлевски светски познатиот српски сатиричар Александар Чотриќ ги нарекува сатирично азно. Хуморот во афоризмите на Атанас Крлевски зазема значаен дел и токму со него тој најмногу го привлекува вниманието на читателите.

Афоризми

1. Време е да тргнам на време.

2. Бидете мажи, признајте дека не сте.

3. Го сретнав Диоген ама ме одмина. Тој сеуште барал човек, а не мене.

4. Ракијата е чуден пијалок. И еден литар не те опива ако со неа бришеш прозорци.

5. Дајте ми микроскоп. Да ја видам светлата иднина.

6. Не ме купија. Се продадов.

7. Од сите датуми најбавно доаѓа први.

8. Пијам на државна чешма:вотка, виски

9. Сите наши реки се пловни...за пластични шишиња.

10. Што не знае интернетот, знаат комшивките

11. Би ја сакал и жена ми, ама две лубеници под една мишка не се носат

12. Ако под масата ве гази штикла, ја пиете третата чаша

13. Комшивката е на постојана диета, а за зимница прави сто тегли апетитка.

14. Купивме втор телевизор. Жена ми на раат да гледа фудбал, а јас турски серии.

15. Подобро е да имаш пеперутки во стомакот, отколку бубачки во главата.

16. Последен дознава сопругот, ако пред тоа не отишол на небото.

17. Сакав убава и умна жена.Затоа се оженив два пати.

18. Со жена ми се караме во четири очи.Ама се слушало на три ката.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати