Протест со автомобили на ВМРО-ДПМНЕ по улиците низ Велес

Петар Печков

Вечерва ОК на ВМРО-ДПМНЕ одржа протест со возила против, како што пишува во  објавата,  криминалот, корупцијата, неправдите и прогонот. Протестот тргна од паркингот пред поранешен ТУШ, преку повеќе главни градски улици и заврши пред зградата на локалната власт. Таму пред присутните се обрати пратеникот во републичкиот парламент и претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ Велес, Игор Здравковски.  

Денес, се навршуваат три години од преземањето на локалната власт од страна на СДСМ во општина Велес. Во последните три години сведоци сме на континуирани напади врз опозицијата од страна на локалната и централната власт, обвинувања за наводни криминали, наместени судски процеси и прераспоредување на работни места исклучиво на наши поддржувачи и членови кои се не истомисленици со владејачката  гарнитура.

Истовремено сме сведоци на брутална партизација на државната и јавната администрација, но и отворање и водење на судски постапки кои однапред се веќе со познати завршници. Наместо да имаме една ветена прогресија на градот, ние добивме само едни празни ветувања и тонење на сите граѓани, тонење на економијата, тонење на инфраструктурата и на сите општествени сфери.

Општината, предводена од градоначалникот, заедно со неговите советници и именувани претставници на локалните институции, се однесуваат во текот на сите овие три години како да се во опозиција или уште пострашно како давеници. И покрај нивните несогласувања, тие се во едно согласни, и водени од максимата – ,,Сложни попови и во петок мрсат’’, ни претставуваат една розова слика, а додека глумат загриженост, ги наполнија институциите со партиски кадри.

Партизираната администрација не успеа да оствари ниту 10% од ветувањата за подобар живот на сите. Три години нема ни трага ни глас од инвеститорите, од економскиот бум, од ветените проекти. Парковите и игралиштата се празни, продавниците затворени, се помал е бројот на дечиња кои се запишуваат по училиштата, а нивните семејства купуваат карта во еден правец.

Општината пак, нема ништо реализирано од она што го ветуваше во насока на подобрување на инфраструктурата, ги нема катните гаражи, затворениот пазар, атмосферската канализација, го нема ниту новиот мост кај Речани, ја нема обиколницата околу Велес и практично нема што нема.
Од друга страна, државата ги одбива сите амандмани кои се поднесени во Собранието на Република Македонија а се однесуваат директно на Велес и велешко а градските власти и претставниците на градов на сите нивоа остануваат неми на нашите конструктивни повици.

Дополнително, секојдневно гледаме дека има страшен притисок и обиди да се замолчат не истомислениците преку вршење на мобинг, отворање на беспредметни предмети во Јавното обвинителство и носење на судски одлуки кои се во склад со желбите на налогодавачите односно во склад со желбите на власта. Имаме конструирани судски процеси против луѓето кои се истакнати патриоти - кажа Здравковски пред присутните.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати