Романот Диссомнии на Игор Станојоски е добитник на Рациновото признание за 2018-та

Петар Печков

На прес конференцијата во Друштвото на писателите на  Македонија беше објавено дека романот "Диссомнии" на  Игор Станојоски е  добитник на Рациновото признание за 2018-та. 

За наградата „Рациново признание“ годинава пристигнале 20  дела од прозна продукција кои, според претседателот на жирито Старова, се квалитетни и со естетски и тематски вредности.  Во потесен избор биле книгите на Велко Неделковски, Драги Михајловски и Јагода Михајловска -Георгиева.

Романот „Диссимнии“ се зафаќа со мошне сложена проблематика, проникната со автобиографски елементи, нараторот е и лик, активен протагонист во времето на скорешните драматични историско-политички настани во Украина, роман во кој со тие настани е преплетена и неговата интима, неговата лична и семејна драма, а во контекстот на колективната македонска судбина. Авторот покажува вешта раскажувачка стратегија. Тој успева со динамична и уверлива нарација да го придобие читателот во комплексното книжевно четиво преполно со непредвидливи настани, рече Старова.

Авторот Станојоски верува дека членовите на комисијата во „Диссомнии“ ја препознале универзалноста на романот и  не го затвориле, како што рече, во рамките на украинското или македонското општество.

 Голем дел од случувањата опишани во романот, како и дилемите на ликовите, се исклучително актуелни и во Украина, и во Македонија, и во многу други земји. Обоените револуции, психолошката војна, влијанието на новите облици на пропагандата врз психологијата на поединецот во 21 век, лажната борба за демократија - се релативно нови теми кои светската книжевност уште не стигнала да ги обработи. Покрај нив, „Диссомнии“ допира и до сосема други теми и чувствителни точки, какви што се последиците од загубата на блиските луѓе, човечноста, неверството, привиденијата, кревкоста на човековиот ум и неговата зависност од сонот - изјави Станојоски  добитник на наградата. Романот „Диссомнии“ е  во издание на издвачката куќа „Антолог“.

Посочи дека во неправедно општество како нашето наградите може да претставуваат и лажен патоказ кога се доделуваат незаслужено, не според квалитетот на делото, туку според реномето на авторот или според неговите пријателски врски со жирито.

Дијана Влатковиќ и д-р. Борјана Прошев -Оливер од Република Хрватска се добитнички на Почесното Рациново признание за 2018 година. Тие ова признание го добиваат за хрватско -македонскиот речник, во издание на ,,Матица на Македонците во Република Хрватска,, и за нивниот придонес  за афирмација  на македонската литература и култура надвор од границите на земјата.

„Рацин за нас велешаните е најстамениот личност, знак на препознавање. Нашата цел е Рациновите средби да ги вратиме на највисокиот пиедестал на македонската култура, да се избориме во Македонија да победат вистинските културни вредности, а не турбофолкот, шундот, сомнителната култура“, рече Коцевски претседател на организациониот одбор.

Тој ја информираше јавноста и за наградата „Антологија на болката“ за стихови напишани на електронска картичка која со одлука на жири комисијата ќе и се додели на Емилија Карафиловска за картичката „Изградив дом во твојот поглед“.

Манифестацијата започнува утре на Лопушник и ќе продолжи на 14 и 15 јуни во Велес со богата културно-уметничка програма во чии рамки ќе настапат Влатко Стефановски и етно групата „Љубојна“.  Годинава се бележат три јубилеи  за Рацин 110 години од раѓањето, 75 од смртта и 55 години на манифестацијата  Рацинови средби.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати