Советот легализираше дивоградба на Рамина на земјиште кое е заштитено зеленило

Петар Печков

Советот со мнозинство гласови легализираше дивоградба, која се наоѓа во месноста Рамина, на земјиште кое  е заштитено зеленило. За оваа одлука долго се дебатираше со два противставени  ставови, зошто тоа да се стори сега, по 11 години откако сопственикот барал легализација.   

„Станува збора за семејна куќа во која подолго време живеат.  Објектот ги исполнува условите а ваше е дали ќе дозволите да се изврши пренамена на градежната документација. Сите барања за легализација на дивоградби  кои имаат јасна  документација  за пренамена на земјиштето и е во границите на опфатот ги потпишува раководителот па   градоначалникот. Таму каде има спорни ситуации како оваа а ингеренции има Советот, ги доставуваме како предлог одлуки“ - кажа Петре Цилаков раководител на сектор во локалната власт.

„Кога вакви точки ни ги праќаат на Совет, почитувани колеги треба да знаете, дека никој од одделение не се осудува да потпише  документ за легализација на дивоградба. Па така ние советниците треба да испереме нечија нечиста совест. Спорните ни ги праќаат нас, за да ја избегнат одговорноста.  Ако оваа дивоградба помине, ќе треба да минат и сите други натаму и ќе се создадат уште стотици други случаи и не ќе можеме да го сопреме. Ова е исто како на Водно да се  гради куќа.“ - кажа еко- активистот,  Игор  Смилев од Левица.  

 „Законот е донесен и тој треба да се применува. Законот е донесен за да се помогне на лицата кои живеат во тие објекти. Ние како Совет мора да ги почитуваме донесените Закони“ - кажа Драган Димески од партијата ПОДЕМ дел од владејачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ.

„Советот има донесено одлука дека не може да се легализираат дивоградби на  месноста Рамина. Знаете таму имаше свлечиште и стручњаците кажаа дека таму не смее да се гради. Објектот е изграден на диво во подрачје кое е нестабилно и ризично за градба. Затоа за оваа точка нема да гласаме“- рече Пандорка Прличкова од СДСМ.

Советот на општина Велес  во 2011-тата има  донесено  одлука за  утврдување граници на потенцијално нестабилни зони на подрачјето на Општина Велес, во кои не може да се гради. За потенцијално нестабилна зона на подрачјето на Општина Велес е утврден просторот кои е опфатен со свлечиштето Рамина. Подрачјето кое со оваа одлука се определува како потенцијално нестабилни зони е зелен појас во кој не се предвидени градби.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати