Стручните лица на Маслодајна објаснуваа зошто има облаци чад од фабриката, зошто немаат се уште „Б“ еко-дозвола

Петар Печков

На денешната нова прес конференцијата  раководството на ПИ „Благој Ѓорев“ одговори  на прашањата за проблемите  кои велешани долго време ги мачат а се резултат на работата на капацитетот.

Зошто секојдневно од оџакот на фабриката излегува црн или бел густ чад, и зошто и по шест години, од 2014-та кога е започната постапката за добивање на „Б“ интегрирана еколошка дозвола за фабриката, таа не е добиена.

Чадот што излегува од  оџакот  е  технолошка пареа, резултат кога се пали котел, кога се проба, кога се реновира, кога се поправа. Таа не го загадува воздухот, не е штетна.  И дозволено е 15 секунди по неговиот старт, тој облак да се создава. Кога е поладно има поголема кондензација и тогаш повеќе се јавува. Јавноста не е запознаена и реагира без аргументи. Постапката за „Б“ еко дозвола ја започнавме  од 2014-та година. Имавме   барање до ЈКП Дервен, за користење на бунарска вода, што ни беше позитивно одговорено и го добивме  во април месец годинава.  Баравме и дозвола за испусно -отпадна вода за исфрлање во отпадниот  канал, доставен  до Општина Велес. Водата која оди во каналот претходно е третирана во тристепени таложници, постојат гранични вредности кои мораме да ги почитуваме и досега не сме имале проблем со оваа вода  - кажа  Олгица Стојанова,директор на производство.

Таа на претходната прес конференција велеше дека такво барање било  доставено до ЈКП Дервен, што од таму го демантираа.  На прес конференцијата беше кажано дека во нивно име постапката за „Б“ интегрирана дозвола,  првично ја водела фирмата „Урбан проект” а сега „Линеа ДОО”.

Неделниот инцидент, кога од резервоар на Маслодајна истече мазут, кој следниот ден заврши во реката Вардар е втор голем еко- инцидент во капацитет, по тој во септември  лани, кога во силос изгореа 400 кг пелети. 

Ако во првичните информации раководството на Маслодајна тврдеше дека во неделата  се излеани  300 литри, денес зборуваа за 200 литри мазут.

Истекувањето на мазутот во неделата  беше техничка грешка, кој не предизвика никаква опасност, штетност по здравјето на луѓето и животинскиот и растителниот свет. Количината мазут  која заврши во река Вардар не е по наша вина - рече Стојанова.   

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати