Студот дојде но не и грипот во Велешко

Петар Печков

Центарот за јавно здравје од Велес изминатата недела, во периодот од 28 –ми ноември  до  4-ти  декември  регистрирал само десет случаи на грип, толку пријавеле матичните доктори.   Оваа бројка е меѓу најниските во земјава, наспроти зголемениот број кој е регистриран во други градови. 

Во  Институтот за јавно здравје во  Република Македонија пријавени се 267 ново заболени лица од грип или заболувања слични на грип, што е зголемување за 30,2% во споредба со седмицата пред неа,  кога беа регистрирани 205 заболени лица. Бројот на пријавени лица оваа недела е поголем за 2,7 пати споредено со 48-ма недела од минатата сезона, кога беа регистрирани 100 случаи.

Пријавениот број на случаи и oваа недела во Македонија  е над бројот кој ја означува неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип (n=148), што значи дека прагот за влез во сезоната е достигнат и надминат – велат од Републичкиот Институт за јавно здравје.  Најголем број на заболени од грип,  има во Куманово, Свети Николе, Дебар и Тетово. 

Според пристигнатите извештаи од страна на подречните единици на Центрите за јавно здравје, заклучно со 48-ма недела, вакцинирани се вкупно 26.576 лица и потрошени се 99,6% од вкупно набавените вакцини за оваа сезона. Најголем број од вакцинираните се на возраст над 64 години – 15.303 лица или 57,6%. На возраст од 30-64 години, вакцинирани се 9.960 лица или 37,5%, додека на возраст од 5-29 години се вакцинирани вкупно 690 лица или 2,6%. Од возрасната група деца под 5-годишна возраст, вакцинирани се 10 лица. Од категоријата на здравствени работници вакцинирани се 613 лица или 2,3%. Нема вакцинирани бремени жени. Од вкупниот број вакцинирани, 17.871 или 67,2% се со историја на хронично заболување. Вакцинацијата против сезонски грип е завршена во 25 ЦЈЗ/ПЕ, меѓу нив и во Велес.

Според Институтот за Јавно здравје, досега предоминира инфлуенца А типот, а повеќето од вирусите се субтипизирани како А (H3N2).

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати