Техно Павер најавил дека планира во кругот нa фабриката за вар да гради цементарница

Петар Печков

Во кругот на фабриката за вар и каменоломот  Превалец, сопственикот „Техно Павер“ планира да гради цементарница. Тие за ова  ја започнале постапката преку Министерството за животна средина (МЖСПП), бидејќи тоа е „А“ инсталација.  Управата за животна средина на МЖСПП  до Општина Велес, согласно Законот за животна средина, доставила  барање на мислење за  проектот – „Изградба на цементарница во кругот на каменоломот Техно Павер“ .

„Следните неколку денови ќе ги искористиме за утврдување на нашата позиција, на нашиот став во врска со ова многу чувствително прашање за жителите на Превалец и населбата Тунел. Ќе консултираме и експерти и за намерите на инвеститорот  што планираат да прават , со колкав капацитет, со каква технологија и какво ќе биде влијанието врз животната средина“, рече Коцевски.

Инвеститорот планирал да вложи 300 милиони долари како инвестиција за фабриката и да вработи 300 лица. Жителите на населбите Превалец и Тунел, претходните години постојано реагираа на загадувањето кое го предизвикува фабриката за вар и каменоломот, поради што Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) на 14 ноември 2018-та година, издаде  мерка забрана за работа на каменоломот.   

И додека локалната власт се уште на излегла со мислење за изградба на цементарница, граѓанските еколошки здруженија се против нејзина изградба  на посочената локација. ЕД "Вила Зора" апелира до надлежното Министерство  - да не дозволат  на граѓаните на Велес да им се случи втора Топилница.

„После неколку години непочитување на законот од страна на „Техно Павер“ ,за што имаме поднесено пријава  во  основното обвинителство, не смее да се дозволи градење на Цементарница. Незамисливо е воопшто размислување за можноста за градење на Цементарница на средина во населено место“ - пишува во писмената реакција на ЕД Вила Зора.

Несогласување  со најавите за изградба на цементарница во кругот на фабриката за вар во Превалец, изразија и од ДОМ.

„Неприфатливо е да се размислува за позитивно мислење од страна на локалните и националните институции за изградба и ставање во функција на цементарница среде населено место.   Станува збор за цементарница во круг на индустриски капацитет кој на многупати беше посочен како загадувач на воздухот посебно со облаци од прашина од вар на целата населба Превалец и високиот дел од Велес во населба  Тунел “ - кажа Стеве Дечев, претседател на огранокот на ДОМ за Велес.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати