Хаџиева, Карова и Тоцинова просветни работници на годината (фото)

Петар Печков

Во пресрет на празникот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, локалната власт ги награди најдобрите просветни работници и ученици во општината. Општина Велес високо ја почитува работата на наставниците вклучени во образовниот процес и затоа секоја година ги наградува најдобрите просветни работници. За нивниот вложен труд во создавањето  нови личности, за едукацијата, за посветеноста во работата признанија добија   Борка Тоцинова за одделенски наставник, Павлина Карова предметен наставник и Снежана Хаџиева професор во средно. 

Просветната работа е најблагодарна работа, се работи со деца кои се образуваат. Но им даваме и воспитание, ги градиме како личности, со кои се гордееме и во градот и пошироко   -  рече Карова која е наставник по биологија во ОУ Св. Кирил и Методиј во Велес. Таа оваа просветна дејност ја работи 17 години.   

Борка Тоцинова е  без малку 30 години одделенски наставник во ОУ „Рајко Жинзифов“ Оризари од 1992 година, дел од работниот век минала и во подрачното во Превалец.

Кога работата се сака ништо не е тешко. Се трудам  во текот на работата да ги насочам учениците да го следат патот на успехот,  да ги црпат знаењата и да бидат вистински луѓе за општеството - вели Тоцинова. 

Снежана Хаџиева е професор по хемија и хемиски стручни предмети во средното Хемиско училиште, таму е од 1990-та. Претходно работела во лабораторијата во велешката Болница. По 180 добиени признанија надвор од градот, дочека да биде вреднувана и во родниот Велес. 

И тука во образование и таму бев во лабораторија и сум пресреќна што можам да го пренесам  моето знаење, мојата љубов за експерименталната хемија на учениците. За да се оформат учениците во личности, во тинејџерски години кои се чувствителни, треба да се почитуваат, да се сакаат  и секога да се има разбирање за нивните проблеми. Потребна е трпение и желба да се пренесе науката - кажа Хаџиева.  

Наградата за најталентиран ученик во средното образование ја добија Викторија Панова од СОУ Гимназија Кочо Рацин, Марко Инѓилизов од СОУ Гимназија Кочо Рацин и Михаил Трајков од ССОУ Димитрија Чуповски., додека во основното  Матеј Гелев од ООУ Блаже Конески и Стефанија Јакимовска од ООУ Стојан Бурчевски Буридан село Иванковци. Оваа награда се доделува по втор пат, за посебни достигнувања на учениците пред се на меѓународни натпревари.  На наградените професори и  талентираните ученици, но и сите просветни работници  им честиташе градоначалникот Аце Коцевски.

На сите наставници им благодарам за ентузијазмот, пожртвуваноста во извршувањето на своите задачи и чекорењето по патот на нашите учители  Кирил и Методиј. Се радувам на секое Ваше постигнување,  на меѓународните и државни награди. Од Вашата професија се раѓаа сите други професии    а Вас ученици ве охрабрувам да сонувате со отворени очи а наша задача на возрасните е од Вашиот сон да направиме реалност во која ќе ја видите иднината, во сопствениот град и со сопствената фамилија - порача Коцевски. 

На настанот беше промовиран и настапи со три нумери велешкиот камерен оркестар ,,Ангел Шурев,,. 

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати