Што констатирала ревизијата во финансиското работење на Општина Велес за 2017-та година

Петар Печков

Државниот завод за ревизија ги објави резултатите од контролата на финансиските извештаи, за работата на Општина Велес во 2017-та година. Тие имаат забелешки на состојбите со издавањето под закуп на градскиот базен, закупот на билбордите и рекламните паноа. 

По основ на издавањето под закуп на градскиот базен, општината поради неплаќање на обврските од страна на закупецот, во 2017 година и наназад неколку години, нема остварено приходи, поради што е активирана хипотеката за стан и е извршена продажба на истиот. За поставување на билбордите и рекламните паноа во Град Велес не се испочитувани одредбите од склучениот договор од 2010 година, поради што е извршена присилна наплата на дел од побарувањата, преку извршител, а по јавениот оглас  од 05.05.2015 година за добивање право за поставување на билборди и рекламни паноа, иако е избран истиот корисник како по огласот од 2010 година, договорот не е потпишан, иако истиот ги користи билбордите и рекламните паноа, не плаќа на општината, која пак фактурирала само дел од побарувањата и тоа само по основ на комунална такса и потрошок на електрична енергија. Ова се констатациите на ДЗР.

Општина Велес во 2017 година не остварила приходи од надоместок за јавна чистота, а со Буџетот за 2017 година по овој основ се планирани приходи во износ од 9,5 милиони денари. Причина за таквата состојба е што Советот на општината нема донесено одлука за висината и мерната единица по која би се наплаќал овој надоместок. Поради тоа и ЈКП "Дервен" Велес, кое врши собирање и транспортирање на комуналниот и на други видови на неопасен отпад на подрачјето на Општина Велес, не го наплатува овој надоместок од граѓаните кој треба да е приход на општината и треба да се користи за финансирање на работите на јавната чистота. Непреземање на мерки од страна на општината за наплата на овој надоместок не е во согласност со Законот за јавна чистота и има за ефект намалени приходи за општината.

Градскиот базен, кој е сопственост на општината е издаден под закуп на физичко лице во временски период од 10 (десет) години, за што има склучен Договор од 14.05.2012 година. Висината на годишната закупнина изнесува 648 илјади денари и треба да се плаќа најдоцна до 31 јануари тековната година. Од извршениот увид на сметководствената документација, ревизијата констатира  дека  закупецот не ги плаќал закупнините за 2015, 2016, 2017 и 2018 година, со исклучок на уплата од 130 илјади денари во 2017 година, а се однесува за 2015 година. Општината има испратено две опомени пред извршување до закупецот на ден 02.03.2014 и 28.03.2016 година, но не се преземени мерки за наплата на заостанатите побарувања предвидени во договорот, односно не е извршено присилно извршување на неговиот имот поради наплата на доспеана а не наплатена закупнина, регулирана со Хипотека на недвижен имот (двособен стан на ул. 11 Октомври бр. 26 Велес) чија вредност е проценета на износ од1.668 милиони денари. На 07.03.2018 година од страна на Општина Велес е поднесено Предмет известување до Основното јавно обвинителство Велес за постоење на сомневање за злоупотреба на средствата на граѓаните на општината, а во врска со издавањето под закуп на Градскиот базен. На основа податоците од сметководствената евиденција на општината побарувањето по основ на неплатени обврски од страна на закупецот изнесуваат 1.813 милиони  денари.

Бидејќи истиот не извршил уплата, општината преку извршител извршила активирање на хипотеката на станот, при што на усно јавно наддавање одржано на 18.10.2018 година извршена е продажба на станот за износ од 1.712 милиони  денари на физичко лице. До денот на ревизија од страна на купувачот не е извршена уплата по овој основ.

Врз основа на Оглас  од 31.05.2010 година за поставување на 25 билборди на територијата на Општина Велес, избран е најповолен понудувач  со кој е склучен Договор со важност од 3 години, односно до 01.08.2013  година  со можност за продолжување за уште три години. За добиеното право  за  поставување  на  билборди,  корисникот  согласно  договорот, треба да уплати износ на име закуп од 1.3 милиони денари за секоја година, за првата година веднаш по потпишување на  договорот,  а  за  останатите  години  закупнината од 1.3 милиони денари годишно да ја плаќа однапред најдоцна до 31 јули од секоја наредна година. Согласно договорот, за секој поставен билборд корисникот треба да плаќа по 1,2 илјади денари комунална такса годишно, како и надоместок за потрошена електрична енергија.

Според членот 3 од овој договор е договорено корисникот за потребите на општината да финансира проект на општината во износ од 554 илјади денари, а кој проект ќе го одреди општината. Такво нешто за периодот на договорот се нема случено, односно од надлежните на општината не е побарано од корисникот финансирање на одреден проект.

За периодот од 01.08.2010 година до 01.08.2013 година, за 3 години, од страна на општината е фактуриран износ за закуп од по 1.29 милиони денари за секоја година или вкупно 3.87 милиони денари. Овој износ од страна на корисникот целосно е платен заклучно со 20.12.2013 година, од кој за дел од побарувањата е извршена присилна наплата, преку извршител, а заклучно со 30.09.2014 година е извршена наплата и на комуналната такса и потрошената електрична енергија во вкупен износ од 669 илјади денари.

По истекот на рокот на договорот 01.08.2013 година, формално не е склучен нов договор, корисникот и понатаму продолжил да го користи правото за поставување на 25 билборди на територијата на Општина Велес во врска со што општината фактурирала за дел од 2013, 2014 и дел од 2015 година само комунална такса и потрошок на струја по 204 илјади денари годишно или вкупно за двете години износ од 408 илјади денари, кој износ од страна на корисникот не е платен и е предмет за наплата по пат на присилно извршување. За овој период не е пресметан и фактуриран надоместок за закуп во вкупен износ од 2.58 милиони денари.

На 05.05.2015 година од страна на општината објавен е јавен оглас за добивање право за поставување на билборди и рекламни паноа. И на овој оглас за најповолен бил избран повторно истиот правен субјект, во врска со што е изготвен договор од месец јуни 2015 година, кој не е потпишан ниту од општината ниту од корисникот, иако во градот и понатаму се користат билборди и рекламни паноа. Со овој договор утврдено е плаќање закуп од 550 илјади денари годишно, за 5 години и по 1,2 илјади денари комунална такса годишно како и надоместок за потрошена електрична енергија. По овој договор општината нема воопшто фактурирано и наплатено надоместок за закуп, комунална такса и потрошок на електрична енергија.

Советот на Општина Велес донел Програма за активностите на Општина Велес во областа на културата за 2017 година, со која за реализација на Манифестацијата „Фестивал на питите и виното " од средствата на буџетот на општината се планирани 4 милиони денари, а потрошени се 6 милиони денари, односно 2 милиони  денари повеќе од планираните средства со буџетот. За реализација на оваа манифестација (музички настапи на домашни и странски естрадни уметници и групи, изнајмување на техничка опрема, озвучување, осветлување, угостителски услуги, хотелско сместување, обезбедување и др.), нема посебен извештај со наративен опис на реализираните активности и финансиски податоци за потрошените средства за секоја поединечна активност. Вака утврдените состојби  не се во согласност со Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа и од Законот за буџетите. Врз основа на напред наведеното, ревизијата не можеше да се увери во наменското користење на средствата, а трошењето на буџетски средства повеќе од планираните има за ефект ненаменско трошење на средствата.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати