Ѓозлеме стар велешки гастрономски рецепт

Петар Печков

Освен надалеку познатата пастрмалија, која велешани ја подготвуваат со пастрма  и јајца тие имаат уште еден специјалитет од тесто, кој се подготвува  исклучиво во  овие студени зимски  денови. Тоа е ѓозлемето. Малку подзаборавено но актуелно, кога ладните денови ќе надвладеат  овој период.  

Тестенината која била присутна на велешката софра пред два и повеќе века  и сега е сласт и провокација за гастрономите. Впечаток е дека е едноставно јадење, тесто со свинско месо, сепак е мајсторија тоа да се подготви со вистинските дози за да се добие препознатливиот вкус. Манифестациите „Етно-вешта жена“ и „Рецептите на баба“ придонесоа многу стари јадења да оживеат, едно од нив е ѓозлемето, а една од учесничките на нив, која го раскажа  рецептот е Нада Кацарска. 

Ѓозлемето е исклучиво велешки специјалитет, мнoгу вкусен кој се подготува во зимно време бидејќи изобилува со повеќе калории од останатите јадења, неопходни за ладните зимски денови. Тоа се кори меѓу нив поставено исклучиво свинско месо и  пастрма –сушено овчо месо со многу сол. Со него се пие црвено вино или пак тие што не сакаат алкохол можат да го консумираат со јогурт или кисело млеко – објаснува  Кацарска.

За да нема забуни таа веднаш ја расчистува дилемата, разликата помеѓу ѓозлемето и пастрмајлијата, која се подготвува со тесто, месо е во  јајцата плус тоа што ја прави оригинална велешка  пастрмалија. Таа го открива рецептот на ѓозлемето,  за кој вели дека е доста едноставен, но е потребно многу мајсторија да се подготви.

Се меси брашно, стандардно со сол но мора да се додаде квасец и треба да отстоти некое време. Потоа се дели на 12 кори, кои се сукаат  колку големината на тавчето каде ќе се пече. Во зависност од желбата на домаќините се реди и ситно исецкано  месо, на секоја трета. Меѓу корите се прска  со стопено сало, кое дава оригинален вкус или пак со маргарин или зејтин. Така поставено се сече на коцки а на секоја од нив одозгора повторно се додава парче ситно исечкано свинско месо. Се пече во жешка рерна додека  тестото не зацрвене и добие кора – објаснува Нада, која  се надева дека традиционалната македонска кујна се враќа помеѓу помладите.

Таа овој специјалитет го научила од нејзината мајка а го сака целата нејзина фамилија.   Ѓозлемето го има и во некои велешки ресторани. 

Велешани ја откриваат  убавината, поточно вкусот на ѓозлемето. Тие еднаш што ќе пробаат стануваат членови на клубот љубители на оваа тестенина. На бројните банкети или коктели организирани кај нас, гостите кои не се од Велес,  откако ќе вкусат се чудат и прашуваат што е тоа што јадат, за да веднаш потоа нарачаат едно ѓозлеме за по дома –  велат од Розе Сала, каде овој специјалитет се подготвува.

Велешани отфрлаат сличноста со охридско-струшкото ѓомлезе, објаснуваат дека не е разликата само во играта на буквите, туку и во тоа што велешкиот специјалитет е со месо а тамошното со сирење. И препорака да се консумира со „усул“ за да нема проблеми со тежината и виткоста.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати