Викендов Фестивал на новиот германски филм (видео)

Петар Печков

Од петок до недела Велес ќе биде повторно домаќин на германскиот филм. Во зградата на  театарот ќе бидат прикажани шест филмови од новата германска –продукција, последните две години.  

Фестивалот на новиот германски филм, се одржува со поддршка на Германската амбасада и Прокредит банката. Сите филмови се преведени на македонски а влезот е бесплатен.  

Според програма најавени се:  петок, 03.11 - „ЧИК“ - комедија/драма, 20 часот, сабота, 04.11 „АВАНТУРАТА НА НЕЛИ“ - детски филм, 11 часот, „ТОНИ ЕРДМАН“ - трагикомедија, 18 часот, „ХЕРБЕРТ“ - драма, 20 часот, недела, 05.11 „НА ИСТА ВИСИНА“ - филм за деца и младинци, 11 часот и „24 НЕДЕЛИ“ - драма, 20 часот.

,, Чик,, - Според романот на Волфганг Херндорф, наменет за публика над 12 години. 14 годишниот Мајк нема пријатели во своето училиште.Тој има богати родители, но мајка му е алкохоличар, а татко му е на пат со својата млада „асистентка“. Тогаш неочекувано се појавува Чик. Новиот ученик од најдалечниот дел од Русија живее во една висококатница во Берлин-Марцан. Еден ден Чик ќе се појави пред врата со украдено возило. Со тоа за нив почнува патувањето на нивниот живот, без карта и без компас низ летната провинција.

,,Авантурата на Нели,, детски филм.  Тринаесетгодишната Нели Клабунд е тотално изнервирана. Нејзините родители сакаат против нејзина волја да го поминат летниот распуст во Романија. Но, тоа не е сѐ. Од водачот на патувањето Нели дознава дека одморот всушност ќе премине во преселба на семејството. Татко ѝ нашол одлична нова работа во Романија. „Тие се луди“ мисли Нели. Да се откаже од целиот свој живот во Германија? Нејзиното училиште, нејзините пријатели и скејт паркот? – Сигурно не! Нели е толку лута, што ќе избега. Ќе се изгуби и ќе се втурне во авантура, со која ќе наиде на бескруполозни претприемачи и вистинско пријателство.

,,Тони Ердман,, трагикомедија.  Инес е советничка на фирми, кариеристка, која живее сама во Букурешт. Има целосна контрола над својот живот и се чини дека e среќна, сѐ додека еден ден татко ѝ не се појави пред врата и не ѝ го преврти животот. Празните разговори и стратешките познанства ќе бидат разобличени од него, маскиран како Тони Ердман. Инес мора повторно да научи да го сака татко си и сопствениот живот и да види што навистина е важно во животот. Германска филмска награда 2017, златна награда во категориите: „најдобар игран филм“, „најдобра режија“, „најдобра женска и машка главна улога“, „најдобро сценарио“ Европска филмска награда 2016 Номинација за Оскар 2017 „Најдобар филм од неанглиско говорно подрачје“ Номинација за златен глобус 2017 „Најдобар филм од неанглиско говорно подрачје“.

 ,,Херберт,, драма.  Поранешниот источно-германски професионален боксер Херберт се издржува заработувајќи како наплатувач на долгови и вратар. Паралелно на тоа го тренира перспективниот боксер Еди. Кога крупниот маж одеднаш ќе добие грчеви во мускулите, ќе му дијагностицираат „АЛС“, смртна атрофија на мускулите. Отсега натаму тој мора да научи да живее со својот инвалидитет, кој наскоро ќе го седне во количка. Старата средина го остава сам. Само пријателката Марлене ќе остане покрај него. Со години работата му била поважна од семејството. Но, човекот, кого ништо не можеше да го натера да потклекне, сака и во оваа последна борба да не се предаде без борба.

 ,,На иста висина,, филм за младинци  „Филм за целото семејство, кој поттикнува на размислување и поради кој на крајот гледачите полни со надеж ја напуштаат кино салата.“ На десетгодишниот Михи не му е лесно. По смртта на мајка му живее во Дом за деца, каде што мора да се бори за признанието на другите деца. Кога случајно ќе ја најде адресата на својот дотогаш непознат татко, ќе му се исполни најголемата желба. Си го замислува татко си како голем човек, кој ќе го прифати и ќе го заштити. Колку ќе биде разочаран кога ќе дознае дека татко му е со џуџест раст. Останатите деца во Домот го задеваат уште повеќе поради тоа. Од очај ќе биде нефер кон сопствениот татко, кој и самиот е повреден. Ќе најдат ли заеднички јазик двајцата?

,,24 недели,, драма.  Астрид и Маркус се реални и стабилни. Астрид ја сака својата професија на кабаретистка, нејзиниот маж и менаџер Маркус ја поддржува со љубов. Додека го чекаат своето второ дете, животот ќе им биде исфрлен од колосек: на рутински преглед ќе дознаат дека бебето е тешко болно. Помеѓу дијагнозите и советите, нивната врска стигнува до нејзините граници. Потрагата по вистинскиот одговор се става под знак прашалник. Колку повеќе време поминува, толку појасно воочуваат дека никој не може да ја донесе одлуката место нив – одлуката за живот и смрт.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати