Годинава младиот кромид има цена ама го нема

Петар Печков

Среде Башино село е невообичаено мирно за овој период од годината, кога е бербата на младиот кромид. Ниту пак селото го има карактеристичниот мирис на зеленчукот, по кој е познат и во поширокиот регион, надвор од земјава. Среде село група жители седеа и муабетеа. На прашањето до каде е годинава со откупот на младиот кромид, како од пушка одговорија ,,заврши,, 

Годинава млад кромид, по кој сме позатни во Македонија, нема, се` се  продаде. Имаше извоз за Хрватска, пет ладилници се наполнија и повеќе нема. И со тоа откупот заврши во саботата, последниот камион. Сега доаѓаат накупци од Скопје ама нема што да купат - вели Коле Бабуновски кој со своите 70 години е меѓу постарите производители.    

Цели фамилии работат на него, го корнат, чистат, перат, пакуваат.   На пазар во Велес цената по еден врзоп е 10 или три врзопа за 20  денари. Годинава откупната  цена на младиот кромид била одлична 45 за килограм а сега 250 денари за сноп кој тежи 7 кг. Сите се задоволни и жалат што нема повеќе кромид.  Причината зошто младиот кромид годинава имаше цена ја откри Ристе Рогужаров.

Цело село ги  намали површините, наместо по два декари, засадија по еден декар. Ова е резултат на ланската година, кога откупот заврши за три дена и потоа еден сноп се продаваше за 60 денари. Тоа беше мизерна цена.  Затоа секој донесе исто решение,да засади помалку, залудно да  не  го троши трудот а тој да не биде платен - вели Рогужаров. 

Младиот кромид од велешко, велигденски  завршува со години на пазарот во Хрватска, додека пазарите во Србија и Косово се изгубени засега. Триесет години младиот кромид од  Башино село го откупува Мемед Весели од Скопје. 

Нема  млад кромид. Годинава е добра за одгледувачите имаат добра цена. Нешто ситно ќе има за до Велигден и 1-ви мај, но мали количини и ќе има цена на пазарите. Моја проценка е дека за 50 отсто  годинава е намален родот - вели Весели. 

Во селото има 200 куќи со илјада жители и без малку сите работа млад кромид, кој им е основна егзистенција. Постарите помнат дека во времето на СФР Југославија тие одгледуваа млад кромид за пазар од 22 милиони жители.  

Годинава Агенцијата за храна ги отфрли сомнежите за квалитетот на младиот кромид од велешко. Две години по ред испитувале и не нашле во примероците од  зеленчукот дека  има тешки метали, поради близината на Топилницата за што стравуваа потрошувачите. 

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати