26 години од Командата за обука

Петар Печков

Со воена свеченост во велешката касарна Алексо Демниевски Бауман  се одбележа денот на Командата за обука и доктрини, 15-ти април. Овој ден се слави за одбележување на 15-ти април 1992 година кога пристигнаа првите регрути од регуларниот состав на Армијата на Република Македонија на отслужување на воениот рок во самостојна и независна Република Македонија. Иако  првиот регрут стигна на 13 април, два дена порано од поканата и тоа во касарната во Охрид. Тоа беше регрутот, велешанецот Панче Јамандиев.

Обуката и стекнувањето на нови знаења и вештини се најуважните сегменти од војничката професија. Затоа вашата мисија е  благодарна и високо почитувана.  Со Вашата работа поставивте високи стандарди со посветеноста и стручноста во извршувањето на задачите. Така давате придонес  во јакнењето на готовноста на АРМ - рече  генерал мајор Мухамед Рацај  заменик началник на ГШ на АРМ.

Заменик командантот на КОД, полковник Стојанче Тодоров осврнувајќи се на историскиот развој на единицата, истакна дека сите задачи во изминатиот период се реализирани успешно и професионално и порача дека задачите од доделената мисија ќе продолжат да се реализираат со истиот ентузијазам и во наредниот период.

Во касарната „Алексо Демниевски - Бауман" - Велес, во првите години од осамостојувањето се подготвуваа граничарите за чување на државната граница. Во 2001 година формирана е Командата за обука со седиште во Скопје, но со Стратешкиот преглед на одбраната таа се преместува во Велес. Со трансформацијата во 2012 година истата се преименува во Команда за обука и доктрини.

Согласно доделената мисија, Командата за обука и доктрини е одговорна за организација, координација и реализација на индивидуална обука на војници, питомци, подофицери и офицери од активниот и резервниот состав, поддршка на колективната обука на командите и единиците на АРМ и развој на доктрините и научените лекции во АРМ.

Низ програмите за обука, покрај регрутите од 1992 до 2006 година, поминаа и се обучуваа 33 генерации на граѓани на доброволно служење на воениот рок. Во Центарот за обука на питомци се врши подготовка и реализација на основната воена обука на питомците и кандидатите за офицери за службите во АРМ. Годишно се примаат по околу 30 питомци меѓу кои се и кандидатите за потребите на Центрите за заштита и спасување и за управување со кризи.

Центарот за странски јазици годишно подготвува голем број припадници на МО и АРМ на курсеви по англиски јазик, а учествува и во реализацијата на други странски јазици. Низ Центарот за поддршка на обуката во текот на годината поминуваат скоро сите припадници на АРМ. Центарот за обука и дресура на службени кучиња се грижи за одгледување и обезбедува доволен број на обучени и дресирани службени кучиња за разни намени.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

  • Цел ден
  • Само во текот на летото во одреден дел од денот
Резултати