Петар Печков
Објавено: среда, 30 ноември 2022
Информацијата која локалните власти ја пласираа, дека сите средношколци од Велес, со попречености имаат образовни асистенти, не била најточна. На ова реагираше советничката Катерина Ефремова, на последната седница на Советот.
„Во средните училиште во Велес има осум средношколци со посебни образовни потреби. Во Гимназијата има три, ниту еден нема асистент, во Димитрие Чуповски има два и двајцата имаат асистенти, во Економска Јовче Тесличков има еден ученик и тој нема асистент и во Коле Неделковски има двајца од нив еден има, еден нема. За ученикот во економска до локалната власт кажано е дека немало интерес , додека за детето од Коле Неделковски, родителите одбиле откако за една учебна година дури пет образовни асистенти кај детето се промениле. Згора на тоа овие асистенти се осигурени се на 4 часа и земат бруто плата од 9 илјади денари и со одбивањето на придонеси, даноци, земаат плата од седум илјади денари. Со тие пари не можат да се задоволат ни минимални трошоци и затоа нема интерес“ - кажа Катерина Ефремова член нa Советот од СДСМ.
Претставникот на локалната власт Верица Тодоровска Дацева, раководител на одделение го повтори кажаното од претходно, дека во Гимназијата родителите на трите ученика, одбиле да се ангажираат образовни асистенти. Дополни дека и самите училишта можат да аплицираат до УНДП за средства за асистенти.
Таков е случајот во Општина Велес, каде УНДП со 80 отсто и Општина Велес со 20 отсто ги покривале трошоците за исплата на образовните асистенти, за учениците со попреченост од средните училишта.