Петар Печков
Објавено: четврток, 05 септември 2024
И денес, четврток во Велес и во регионот на Азот загадувањето на воздухот го реметеше редовниот живот на граѓаните. Повторно во претпладневниот термин, имаше високи пикови на загаденост со ПМ 10 до 300 мг/м3, ПМ 2,5 до 200 мг/м3 честички како и на јаглен моноксид со 1.400 мг/м3.
Пиковите беа повисоки отколку вчера, кога во градот средно дневната загаденост беше 81,47 микрограма на м3. Тоа е трети ден како во Велес мерните инструменти на Министерството за животна средина бележат средно дневни вредности над максимално дозволените 50 мг/м3. Беа измерени 75 и 70 мг/м3.
Од Општина Велес препорачаа граѓаните да не излегуваат од дома без поголеми потреби и лоцираат дека причината за високите концентрации се пожарите во околината на градот.
„Актуелните пожари во велешко, поточно на планините Мукос и Бабуна во Општина Чашка, изминативе три дена, го загадија воздухот во Велес. Општина Велес ја следи состојбата и е во постојана координација со Центарот за управување со кризи и Територијалната противпожарна единица. Апелира до граѓаните доколку можат да поминуваат во затворени простории и да не излегуваат без потреба“ – пишува во објавата на локалната власт.
Од Центарот за управување со кризи соопштија дека пожарот на планината Мукос и Бабуна, кај село Оморани е локализиран, кај село Степанци е под контрола додека кај село Ораов дол е активен. Гори мешовита шума.
Гори од 27 август, високо во планините на тешко достапен терен. Истиот пожар беше активен до 18 август, претходно 12 дена гореше шума а беше изгаснат од дождот кој тогаш падна.