Петар Печков
Објавено: четврток, 21 ноември 2024
Во Младинскиот парк во Велес се одржа настанот „До вас, за вас“ дел од посветеноста за приближување на полицијата до граѓаните. Оваа иницијатива е исклучително важен чекор во создавање подобра комуникација а со тоа соработка и доверба меѓу полицијата и заедницата.
„Целта на оваа иницијатива е да покажеме на дело дека полицијата е секогаш тука меѓу граѓаните - за граѓаните. Целта е да создадеме и одржуваме врски на доверба со заедницата, што е вистински темел за создавање долгорочна безбедност и стабилност. Преку дружба и комуникација со граѓаните веруваме дека иновативно го обновуваме пристапот кон безбедноста што за резултат ќе има зголемена доверба и соработка. Симболично ги отвораме вратите на полицијата и ги охрабруваме сите граѓани да учествуваат во создавањето на практики кои ќе доловат вистинските потреби на граѓаните и локалната заедница.“ -кажа министерот Панче Тошковски.
Директорот Јанев истакна дека безбедноста не е само задача на полицијата туку е одговорност на сите нас како граѓани.
„Сите ние, секој граѓанин има своја лична улога во креирање на безбедно и мирно општество. Само така заеднички можеме да изградиме култура на взаемна доверба и разбирање која ќе резултира со безбедност и спокој на нашите семејства, нашите деца, на сите нас. Продолжуваме заедно, за безбедност на сите“, потенцираше директорот на Бирото за Јавна безбедност Александар Јанев.
Настаните од иницијативата „До вас, за вас“ ќе вклучуваат редовни активности насочени кон активно вклучување на граѓаните во процесите на донесување одлуки и пракси кои ќе ја зголемат довербата и соработката на граѓаните со полицијата со цел зголемување на безбедноста на сите нас.
На настанот присуствуаа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев.