Петар Печков
Објавено: среда, 11 септември 2024
Поради основано сомнение дека сторила кривично дело – Убиство во обид, на кавадарчанката В.Ѓ.М. на 32 годишна возраст и е одредена мерка притвор, во траење од 30 дена, затоа што се обидела да ја убие мајка си со чекан, удирајќи ја по глава.
ОЈО Кавадарци отвори истрага за овој случај, за која осомничената има привична пријава за убиство при семејно насилство, по КЗ од член 123 став 2 точка 2 во врска со член 19 (во обид). Предвидената казна за ова дело е од десет години до доживотен затвор.
„На 10 септември околу 03.15 часот во семејниот дом во Кавадарци, В.Ѓ.М. со тврд предмет ја нападнала нејзината 60 – годишна мајка и ѝ нанела тешки телесни повреди, констатирани во болницата во Кавадарци. В.Ѓ.М. била лишена од слобода“ – соопшти Биљана Ѓаковска, портапрол на СВР Велес.
„На 10 септември, во раните утрински часови, при вршење семејно насилство, осомничената се обидела да ја лиши од живот сопствената мајка. Додека жртвата спиела во заедничкиот дом, осомничената која подолг период се заканувала дека ќе го стори делото, ја удрила својата мајка со тврд предмет, чекан по главата. Сведок на настанот бил таткото на осомничената, кој ја задржал и не и дозволил да избега по настанот“ – информираа од ОЈО Кавадарци.
Поради опасноста од бегство, пред се имајќи ја предвид висината на запретената казна за ваков облик на кривично дело, можноста да влијае врз сведокот или да се обиде да го доврши кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кавадарци доставил предлог за определување мерка притвор. Судијата го прифатил предлогот и синоќа донел решение со кое на осомничената и определил притвор во траење од 30 дена.