Петар Печков
Објавено: вторник, 19 ноември 2024
Во две етапи годинава продолжуваат работите на заштита на Теодосијанската палата, во локалитетот Стоби. Тоа е проект финасиран од Каплан фондацијата од САД, вреден 300.000 евра. Пролетва, биле присутни стручњаци од Велика Британија, кои демонстрирале нов пристап на конзервација, како се работи и какви материјали ќе се користат.
Во вториот дел, кој се спроведува, се врши едуцирање на археолозите и конзерваторите вработени во НУ Стоби. Со него ѕидовите и површините кои се работат, треба се сочувуваат како што се затекнати.
„Со овој пристап на работа од неколку експерти од Велика Британија, кои имаат децениско искуство при конзервација во антички локалитети, ѕидовите и површините кои се работат треба да се сочувуваат, како што се затекнати. Со него, не се дозволува надѕидување, ставање три, четири, пет реда камења над ѕидови. Ѕидовите се конзервираат како што се сочувани, со своите несовршености и недостатоци“- кажа Димитар Николовски археолог од НУ Стоби.
Минатата година се работеше на превентивна конзервација на мозаикот во перистилот. Фокусот беше конзервација на архитектонските остатоци на ѕидовите и мозаичките подови. Годинава со дел од добиените средства конзерваторите се обучуваат и едуцираат со нови методи и пристапи на конзервација, кои се актуелни и се користат во светот.
„Едукацијата е на база на практична работа. Голема е разлика која постои во конзерваторскиот третман, не само на археолошки локалитети, туку и кај цркви, помодерни објекти, помеѓу нивната работа и нашето поимање. Третманот на што тие не` учат врз база на нивните искуства е поразличен од тоа што ние сме навикнати од претходно. Најважно од се е, што работиме со локални материјали, песок од Вардар, вар гасена на дрва- на антички начин, работиме со вулканси туф донесен од Пробиштип. Сите материјали се регионални или локални и малтерот е скоро идентичен со тој кога се граделa, што е целта на овој пристап на конзервација. Сочувувме како што е затекнато и конзервираме со локални материјали“ – вели Николовски.
Есенва во локалитетот Стоби се работи и на истражување на населбата која била резиденцијелен и комерцијален кварт. Таа е поставена на највисокиот дел од Стоби, последниот каде се живеело организирано.
„Ова што гледате се куќи, продавници, работилници, кои функционирале како дел од организиран урбан систем. Со напуштањето на Стоби кон крајот на 6 и почеток на 7 век се напуштат, градот се напушта, не функционира како организациона единица. Живурка во средниот век како место каде има изолирани сточари, фармери кои не се дел од организиран живот“ – рече Николовски.