Петар Печков
Објавено: среда, 20 ноември 2024
Вечерва, среда, е македонската премиера на театарската претстава „Без крв“ копродукција на Драмски театар од Пловдив и Велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“. Таа ќе се изведе како дел од содржините на годинашново издание на Млад отворен театар во Скопје. Претстава се игра на сцената на Албански театар.
Претстава „Без крв” е во режија на бугарската режисерка Диана Добрева, која има европски поставки а според текст на Алесандро Барико. Продукцијата е дел од двегодишниот меѓународен проект „Манифест“ на Драмски театар – Пловдив и Народниот театар „Јордан Хаџиконстантинов – Џинот“ од Велес која вклучува огромна екипа од скоро 50-тина театарски професионалци.
Режисерката Дијана Добрева, претставата ја дефинира како нејзино “најголемо лично театарско чудо”. Копродукцијата, за прв пат во историјата на двете земји создаде заеднички креативен тим и спроведе сеопфатен процес на проби. Претставата е стилизирана како шпанска драма – корида, тореади, фламенко и арена со бик – обоена во црвено и црно.
Литературното ремек-дело на Алесандро Барико, започнува со одмазда, а завршува со казна. Граѓанска војна затвора тројца мажи во својот лавиринт: татко, две деца и крволочен Минотаур.
„Во текот на годините додека трае зачадениот мир, една убава жена стои пред продавач на билети за лотарија, чекајќи да го започне својот пат или кон смртта или кон пресметка. „Има ли крај на одмаздата, или пак ова е еден маѓепсан круг во кој сите сме проколнати да се вртиме?“, е едно одлично прашање што го поставува овој роман. Засилувањето на одмаздата меѓу луѓето и нациите е препознатлив знак на духот на времето во кое живееме. Човекот е се’ поосамен во „срцето на земјата“. И само љубовта ги затвора раните без да ја повтори болката“ пишува во соопштението за претставата.
Играат: Маргита Гошева, Васил Зафирчев, Константин Еленков, Патриција Пандева, Исидор Јованоски, Филип Христовски, Красимир Василев, Георги Вачев, Кети Борисовска, Симеон Алексиев, Елена Кабасакалова, Катрин Гачева, Златко Шарков, Филип Василевски, Елена Димитрова.
Авторска адаптација е на Александар Секулов, сценографија - Валентин Светозарев, костимографија - Раде Василев и Елена Вангеловска, композитори Јавор Карагитлиев, Сашко Костов, музика во живо - Сашко Костов, кореографија: Олга Панго. Претставата е финансиски поддржана од Министерството за култура на Македонија и на Бугарија, Бугарскиот културен центар во Скопје.
Иако е финансиски поддржана од Министерството за култура на Македонија, како дел од годишната програма на велешки театар, таа нема да биде изведена на сцената на велешки театар.