Петар Печков
Објавено: понеделник, 14 октомври 2024
Во Основен суд Скопје 1 продолжи судењето за обвинетите за убиствата на девојчето Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.
Првообвинет е Љупчо Палевски, а покрај таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски, обвинети соизвршители за две свирепи убиства се и Влатко Кешишов и Боре Видевски и Велибор Манев. Обвинетите на изминатото рочиште се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.
На денешното рочиште сведочеа меѓу другите ќерката на Панче, Ана Киркова и нејзиниот сопруг Тодор, зет на Панче. Раскажаа како на 22 ноември го пријавиле исчезнувањето на човекот откако во неговиот дом наишле на запалена греалка и сијалица, а пензионерот го немало. Го немало ниту возилото „Цитроен“ кое, инаку, не го давал никому и имало голем багажен простор. За еден од обвинетите, Велибор Манев и двајцата рекоа дека живеел во близина на пензионерот но дека пред многу години имале судски спор.
Ќерката Ана на денешното сведочење изјави дека сосетка на татко ѝ ја информирала дека тој не е достапен веќе подолго време.
„Утрото околу 10 часот ми ѕвонеше на телефон негова комшивка ми кажа ѕвонам, го барам татко ти не се јавува. Велам од кога, таа кажа од средата веќе може 40 пати ѕвонела“, рече Ана Дополни дека потоа почнала и таа да ѕвони, но тој не се јавувал и го испратила нејзиниот сопруг кој работел во близина да провери.
„Почнав и јас да ѕвонам, не се јавува, си велам низ двор си работи. Потоа повторно јас ѕвонев, не се јавуваше. Уште во 16ч. кога завршив со работа, се преиспитував што може да се случи, но си велам ајде ќе одиме околу 18 часот и 40 минути почнав да се облекувам. Отидовме во станица, кажавме дека татко ми од средата на неговиот телефонски број не се јавува“, рече таа.
Прашана дали ѝ е познато дека Панче имал комуникација со некој од обвинетите, таа одговори дека имал комуникација со Велибор Манев.
„Во 2007 го изнајми Велибор Манев да работи во куќата кај нас. Рече дека му е добар пријател, каменорезец. Мислам дека живее на пет минути со кола од кај нас“, рече таа.
За татко ѝ посочи дека живеел скромно од својата пензија. Прашана за возилото Цитроен, одговори дека било старо и со голем багаж.
„Беше вреден човек. Имаше еден спор со Велибор Манев, настана поради тоа што, по укажувањата на татко ми, Велибор дошол, си ги земал коцките, нешто не испаднало како што треба“, рече таа.
На прашањата на првообвинетиот Љупчо Палевски, таа одговори дека немала сознанија дали нејзиниот татко имал контакти со него и таа не го познава Палевски.
Нејзиниот сопруг, Тодор Кирков, изјави дека кога дознал дека се случува нешто, отишол да провери во куќата.
„Кога ми се јави сопругата, бев на работа, отидов кај него дома, бев во дворот да ја побарам колата, во дворот не беше колата, ми го прати клучот синот по такси. Греалката работеше, многу беше топло“ рече Тодор, дополнувајќи дека го побарале на друго место, но, бидејќи го немало никаде решиле да пријават во полиција.
И Кирков посочи дека имал сознанија дека Панче имал некаков спор со Манев во врска со дворот
„Ова се случувало пред петнаесетина години. Со Велибор се договориле да му го среди дворот за 1 600 евра и наводно Панче пред заминување во Германија му платил 11 00 евра. Остатокот требало да му го даде кога ќе си дојде од Германија, но не бил задоволен од работата, па Велибор си ги извадил коцките со кои претходно го редел дворот. Се тужеа со години“, рече Тодор Кирков, зет на убиениот Панче. Кирков е тој што кога Панче бил мртов отишол на идентификација.
„Во устата имаше дупка, а очите му беа крвари“ се присети Кирков.
Судењето за двократното убиство продолжува во среда. Обвинетиот Боре Видевски кој има трансплантиран бубрег бара да му се суди од домашен притвор бидејќи има проблеми со бубрегот и неодамна од затвор беше транспортиран на скопските клиники.
Откако биле известени дека е пронајдено безживотното тело на Жежовски, Кирков го идентификувал телото и нагласи дека имал големи повреди на лицето.14-годишната Ѓорчевска и 74 годишниот Жежовски, беа пријавени за исчезнати на 24 и 27 ноември, минатата година.
Безживотните тела беа пронајдени во близина на Скопје и Велес на 3 декември. Според Обвинителството, грабнувањето на Ѓорчевска, наводно било испланирано со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.
фото 360 степени