Tенис Дејвис куп Македонија - БиХ во Велес, во март

Петар Печков

Тениската дејвискуп-репрезентација на Македонија првиот меч од Втората евроафриканска зона против БиХ ќе го игра во салата „Гемиџии“ во Велес од 5 до 7 март годинава и тоа на земјена подлога. Тоа треба да биде предност на македонските тенисери. Жолто-црвените минатата сезона испаднаа од Првата зона оти загубија на сите три меча.

- Одлучивме да играме во Велес бидејќи во салата во овој град ќе имаме доволно време за поставување на земјената подлога, што не е едноставен процес. Се надевам дека ќе имаме голема поддршка од велешката публика, која е желна за квалитетни спортски натпреварувања - вели селекторот Дејан Маринковиќ.

Според предводникот на македонската дејвискуп-селекцијата, дуелот против БиХ нема да биде лесен.

- Противникот не е наивен. Имаат двајца квалитетни тенисери, кои се меѓу најдобрите 600 во светот. Сепак, тие подобро играат на тврда подлога - дополнува Маринковиќ.

Главен проблем за селекторот, сепак, не е противникот, туку непознаницата дали ќе може да смета на најдоброрангираниот македонски тенисер, Предраг Русевски, кој ги пропушти ланските мечеви поради недоразбирање со МТФ.

На поширокиот список на селекторот се наоѓаат уште и ветеранот Лазар Магдинчев, како и Илија Мартиновски, Томислав Јотовски, Димитар Грабуловски и младите Шендрит Деари и Стефан Мицов.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

  • добро е
  • не ми се допаѓа
  • ме бендисува пешачката патека која е бојадисана
Резултати