Петар Печков
Објавено: понеделник, 17 јуни 2024
Здружението на граѓани, велешаните од „Мовембер“ набавија апарат за одделението за урологија при Општа болница Велес. Средствата беа собрани со продажба на маички, со логото на здружението, но и со донации од велешки фирми, во текто на камапњата, во месец ноември лани.
„Средствата собрани во изминатата, јубилејна 10-та година од нашата активност, ги наменивме за набавка на инструмент уретротом, хируршки нож за ендоскопско отворање на уретрата, кој се користи за нејзини блокади и стеснување. Со набавката на инструментот во болницата ќе бидат овозможени интервенции од овој тип“- кажа Иван Сарагинов, член на движењето Мовембер.
Движењето има хуманитарна димензија, односно секоја година преку продажба на тематски маици, шолји, беџови и други производи, се собираат средства кои подоцна се донираат на сограѓанин кој има потреба од истите.
„Мисија на здружението е да се зголеми свесноста за здравствените ризици со кои се соочува машката популација, како и значењето од редовните прегледи и контроли се со цел намалување од ризиците и превенција од појава на истите“- додава Сарагинов.
Мовембер Велес, неформално е формирано во 2013-та година од група на млади ентузијасти. Обидот на основачите на движењето и неговите членови и поддржувачи е да се пренесе пораката, пред се кон младата машка популација за важноста на грижата за т.н машки болести.