Петар Печков
Објавено: четврток, 15 август 2024
И натаму македонскиот маргарин и масло за јадење се на листата на забранети производи за увоз во Србија. Одлуката на нивната Влада од 8 март и натаму е на сила, и по повеќе од пет месеци од донесувањето.
Со ова се крши ЦЕФТА договорот за слободна трговија, што го констатира и Македонската Влада во обраќањето до велешка Маслодајна, која во два наврати писмено реагирала. Таа реагирала и во март, кога оваа забрана била донесена, како и неодамна до нова Влада.
Министерот за земјоделие Цветан Трипуновски по оваа реакција, на 1 август имал средба со српската амбасадорка во Скопје, која најавила дека „агилно ќе се заземе за решавање на проблемот“.
„Доаѓа време за откуп на годинашнава реколта на родот на сончоглед. Ние како едиствена фабрика која произведува масло за јадење од семето на сончогледот, потребни се средства за негов откуп. А како да дојдеме до средства кога извозот кој го имавме во Србија е стопиран, пазарот во Македонија затоа е преплавен со српски маргарин и масло за јадење. Дали ќе имаме можност, финансиски средства за да го откупиме годинашниот род? Според статистичките податоци овие два производи, маргарин и масло за јадење увезени од Србија, надминуваат 60 % од вкупната понуда на пазарот во државата. Тие сега се доминантни на македонскиот пазар над македонските прехранбени производи. Со забраната директно се крши ЦЕФТА договорот за слободна трговија. Дали е време Македонската Влада да размислува за ограничување на увозот на маргарините и маслата за јадење кои се произведуваат во српските прехранбени компании и кои се продаваат на македонскиот пазар, како што тие го штитат нивното производство така и ние да го заштитиме нашето“ – вели Горан Лазов, директор на компанијата Кристал 1923.
Увозот од Србија во Македонија, на маргарин останува со непроменето темпо. Лани во земјава биле увезени 2,5 илјaди тони а годинава за првите четири четири месеци 880 тони. Наспроти тоа откако лани велешка Маслодајна стигнала до извоз на 317 тони маргарин во Србија а годинава биле предвидени 500 тони, Српската Влада пролетва го забрани увозот и на маргарин и на масло за јадење, штитејќи го сопственото произвдство.