Велешките земјоделци во дилема дали да го продадат житото под цена или да го чуваат како лани во амбар и да го јадат глувците

Петар Печков

Во тек е жетвата на житото во Велешко, а земјоделците се разочарани оти цената е иста како ланската, далеку од реалната. Пченицата се откупува по 11 денари за килограм, а производната е 18 до 20 денари, јачменот по 9 денари за килограм, додека реалната е 15 денари.

Поради ваквата состојба земјоделците не знаат што да прават, да го продаваат под реалната цена или да складираат и чуваат, па да го продадат подоцна, ако се даде можност.

„Државата нема стратегија за стратешка култура, житото. Можеби новата Влада ќе има повеќе чувство. Може ли со таква инфлација, години по ред цената на јачменот, пченицата да останува иста, а цената на горивото, вештачкото ѓубре, отидоа високо. Лани многумина не го предадоа, не го продадоа и го чуваа дома во амбарите. И глувците го изедоа. Сега сме соочени со ист проблем, дали да го дадеме по ниска цена или ако го ставиме да биде храна за глувците“, вели земјоделец од велешкото село Иванковци.

Во Велешко јачменот  се засејува сѐ повеќе, на три илјади хектари, а пченицата сѐ помалку, засеана е на 600 хектари. Овој дисбаланс се должи што млинарите се повеќе увезуваат пченица за производство на леб, додека јачменот се користи како сточна храна.

„Имаме друг проблем, а тоа е што сточниот фонд во земјава опаѓа, а со тоа и интересот за откуп на јачменот. Имаше земјоделци кои ланското жито го дадоа за чување во силоси, со надеж дека подоцна ќе има цена и ќе го продадат, но не се случи па мораа да плаќат и за силосите. Добро ќе биде новата влада со некоја мерка да ни овозможи да градиме сопствени силоси, да го чуваме житото. Вака сега по жетвата принудени сме да го продаваме, иако цената е ниска. И да не се откупува странско жито за стокови резерви, туку тоа да биде наше македонско, со што ја развиваме нашата економија, а не некоја туѓа“, вели земјоделец од селото Мамутчево.

Земјоделските површини  од овие две села во Овчеполието се со обработливи површини засеани со јачмен и пченица.

Поврзани »

Квалитет на воздухот во Велес


АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

  • добро е
  • не ми се допаѓа
  • ме бендисува пешачката патека која е бојадисана
Резултати