Петар Печков
Објавено: вторник, 03 септември 2024
Проблемот со загадувањето на езерото Младост, беше точка на дневен ред од последната седница на Советот на Општина Велес. На неа беше кажано дека е запалено црвеното светло за спас на езерото Младост и потребна е акција на сите засегнати страни.
Градоначалникот на Велес, Марко Колев, го повика ЈВП Лисиче, да се грижи за акумулацијата Младост, како што се грижи за езерото Лисиче. ЈВП Лисиче управува во водата од двете езера.
„Како што се грижи ЈВП Лисиче за акумулацијата Лисиче, посакувам во наредниот период така да се грижи за акумацијата езеро Младост. Ова го велам бидејќи, на сите ни е познато дека канализацијата од населбите Горно и Долно Јаболчиште од Општина Чашка, се влева во езеро Лисиче. Тоа се меѓу 5-6 илјади население. Сите фекални води завршуваат во река Тополка а таа се влева во езеро Лисиче, пречистителан станица нема аико во повеќе наврати се ветуваше. ЈВП Лисиче со сите стручни служби кои ги има и со сите вработени, успешно се справува со овој крупен проблем. И пиеме меѓу најдобрите води во Македонија. За решавање на проблемот со езерото Младост, е потребно сериозна финансиска поддршка од Владата, преку Министерство за земјоделие или Министерство за животна средина. Да се изработи кратокорочен, среднорочен и долгорочен акционен план за езерото, да лобираме кај владините претставници сериозно да го помогне чистењето на езерото Младост “ – кажа Колев.
Тој напомена дека изминатите денови се правеле повеќе планови за дотур на свежа вода во езерото Младост, едно од барањата на Хидробиолошки завод од Охрид во наодите за решавање на проблемот. Но засега ниту еден план не бил можно да се реализира.
Не е можно ниту да се испушта вода од дното на езерото, од вентилот на браната, кој во 2012 беше променет. Тој не беше искористен оти не бил во функција, констатирале претставници на Министерството за земјоделие, кое ја финасираше промената со нов со средства во висина од 3.1 милион денари.
Не е можно ниту од езерото Јарбош, кое АК Лозар го создаде за да го полни езерото Младост, оти неговите природни извори, некој минатата година со градежни машини ги затрупал со земја И тоа сега е полупразно.