Петар Печков
Објавено: понеделник, 18 ноември 2024
Викендов нова активност на ЕГ Грин Пауер и АК Велесин, есенско искачување на врвот Лисец 1.935м на планината Голешница. Таа е дел од источниот масив на Мокра Планина, Велешки округ и се наоѓа помеѓу реките Тополка и Кадина Река. Несекојдневна и ретка тура која многу ретко се практикува во годишните настани и е исклучителен кардио тренинг за стекнување и одржување кондиција.
„Лисец е ретко качуван врв, но исклучително моќен, тешко достапен и најдоминантен врв во непосредната околина на Велес и Скопје. Се наоѓа во групата на 12 непознати и помалку посетени, но предизвикувачки врвови, кои не се во комерцијалната планинарска агенда на искачување, поради тешката пристапност од речиси сите страни“ – соопштија организаторите.
Должината на патека е 20,2 км, висинската разлика е 1.285 метри, почетната висинска точка е на 650 метри. Планинарите рекреатици, кои биле околу 40 лица од Битола, Прилеп, Скопје, Росоман и Велес и сите го искачиле врвот, тргнале од појдовна точка помеѓу селата Дреново и Долно Јаболчиште, Општина Чашка. Пешачењето било 5 часа до врвот. Патеката е средно тешка, технички не е захтевна, со релативно голема висинска разлика што ја прави посебно атрактивна.
„Визуелно, пределот е неверојатно естетски податлив и питорескен со богат колорит и изобилство на уметнички пејсажи. Врвот е несекојдневен - со големина на фудбалско игралиште и со невообичаени карпести форматури кои се остатоци од пагански храмови, поради што врвот има исклучително археолошко значење“ – објаснуваат организаторите.