Петар Печков
Објавено: среда, 27 ноември 2024
Во Ликовниот салон во Велес, отворена е изложба на дела од уметничката Александра Гиноска од Прилеп. Таа се претставува со 14 дела, пејзажи работени на платна во акрил. Изложбата е именувана „Интервалите во мене“.
„Во претставените слики, се забележува како инспирација e пејзажот, каде две димензии се постојано во дијалот, времето и просторот. Тука се случува еден момент на интервал, кога имаме реакција, случување. Тоа е презентирано во различен момент и затоа изложбата е наречена интервал“ – кажа авторката на изложбата Гиновска.
Изложбата е финансирана од годишната програма на Министерството за култура. Ja реализираше Народниот музеј од Велес. Гиноска дипломирала на ФЛУ Скопје, отсек вајарство –конзервација и реставрација.
„Со примената на разни контрасти на многубројни ликовни елементи, авторката ги манифестира внатрешните медитативни процеси исполнети со антагонистичка тензичност и разиграни динамични дијалози, односно според неа во сликите меѓу чистите површини има одреден акцент на динамиката и тоа е интервал кој го доживуваме во просторот и времето“ – кажа промоторот м-р Викторија Димеска, историчар на уметност.